Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски застана зад апелот на Јавното обвинителство и побара да не се споделуваат чувствителни информации во врска со убиството на 67-годишниот лекар чие безживотно тело со повеќе убодни рани пред две недели беше пронајдено во автомобил паркиран во близина на поликлиниката „Железара“.
Тошковски рече дека, иако не ги видел и слушнал изјавите на неговиот колега, сепак според него тие се несериозни и непрофесионални.
-Несериозни и непрофесионални изјави, ако е така како што велите, ако било така кажано од страна на било кој функционер, можам слободно да кажам дека станува збор за несериозна и непрофесионална изјава, рече Тошковски.
Апелот на министерот Тошковски и на Јавното Обвинителство доаѓа откако денеска дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи во техничката влада Митко Бојмацалиев рече дека лекарот не бил убиен во автомобилот, туку на друго место, а неговото тело било донесено во возилото.