Тошковски: Кога ќе ги пуштиме камерите нема да може да се скине казна

by Фокус

Над 2.000 возачи кои возеле со брзина над дозволеното се регистрирале камерите поставени на клучните крстосници на територијата на Град Скопје. Поставени се во функција, но засега работат само во тест период, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој додава дека е формирана работна група која со Министерството за правда ќе анализира кои законски измени ќе треба да бидат направени пред целиот проект да биде ставен целосно во функција. Ваквиот начин на следење и казнување на прекршоци во сообраќајот, според него, во пракса се очекува да почне да се применува до крајот на следната година. Тој уверува дека нема да може да се интервенира да се скине казна.

-Констатирани се за 24 часа 2.000 сообраќајни прекршоци од 20 отсто од камерите. Ако пуштиме 100% камери претпоставката е дека за 24 часа ќе имаме 20 илјади прекршоци. Заради тоа што сакаме системски да ги решиме проблемите овде нема да можам дека заклучно со 2024 теорија нема. Се надевам дека заклучно со 2025 година ќе можам да им презентирам на граѓаните систем којшто функционира барем во Тетово, Скопје и Куманово – рече Тошковски.

Тој денеска даде отчет за сработеното како прв човек на министерството за внатрешни работи во изминатите сто дена. Рече дека затекнал хаос околу проблемот со издавање на личните документи на граѓаните поради што биле зголемени капацитетите.

Го обвини претходното раководство дека не водело грижа за полициските службеници посочувајќи дека во изминатите три години биле поднесени над 8000 тужби против МВР за неисплаќање надоместок на хранарина.

До МВР веќе се доставени голем број на докази, тврди Тошковски, за лица кои се од интерес за јавноста наведувајќи конкретни предмети кои се доставени до обвинителствата.

-Поднесена е една кривична пријава против директорка на здравствен дом којашто обвинителството ја прифати и ја процесуираше до судот. Поднесена е кривична пријава против актуелен пратеник, поднесена е кривична пријава и против двајца градоначалници – рече министерот за внатрешни работи.

Поврзани новости