Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во својот прв работен ден оствари работни посети во Одделението за управни работи Скопје во зградата на МРТ и пунктот „Пролет“ со цел непосредно запознавање со фактичката состојба во делот на издавање на личните документи.
„Многу ми е жал што морам да констатирам дека состојбата со издавањето на лични документи не е онаква каква што ја оставивме, односно во овие три недели откако ја напуштив позицијата министер за внатрешни работи во техничката Влада, наместо да е направен исчекор напред, повторно е создаден хаос, работат помал број на шалтери и бројот на луѓе кои чекаат е зголемен. Министерството за внатрешни работи е сервис на граѓаните и во тој контекст управните служби се една од клучните области и затоа во наредниот период ќе преземеме интензивни мерки со цел за краток временски период да ја нормализираме работата и секој граѓанин да може својот документ да го извади во една достоинствена постапка и во разумен временски рок“ – рече министерот Тошковски.