Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски заедно со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ утрово до Владата поднесоа законски измени на Предлог на законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Предлог на законот за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, по скратена постапка.
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на самите законски решенија се работи за измена на одредбите од двата закона коишто предвидуваат завршување на роковите по однос на ова законско решение за патните исправи и за возачките дозволи. Со оваа измена, рече тој, ќе се продолжи одредбата за да можат да важат и во наредниот период.
Тошковски нагласи дека нема доволен број на обрасци за пасоши и возачки дозволи за да се задоволат потребите на граѓаните.
-Сакам да знаат македонските граѓани дека нема ниту пасоши како обрасци физички, ниту има возачки дозволи во доволен број за да се задоволат потребите на граѓаните и тоа е факт. Ова е единствено нормално возможно и системско решение кое што може да ги реши проблемите од една страна, а од друга страна да не предизвика кршење на човекови права флагрантно и од трета страна да не повредува ниту одредби од меѓународен билатерален договор. Ова е единственото соломонско решение. Се’ друго е козметика, шминка и популизам, рече Тошковски.