Четворица полицајци од Република Србија во текот на август ќе патролираат во Охрид каде што во текот на летната сезона има зголемен број на српски туристи. Ова на денешната средба во Белград го договориле министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.
Српскиот министер истакна дека со својот македонски колега заклучиле оти ваквата пракса, која по првпат е имплементирана помеѓу Србија и Македонија, е од заемен интерес.
-Ваков тип соработка ние имеме со Хрватска со Црна Гора, сакавме истото и со БиХ да го спроведеме, но испадна политизација на сето тоа, па реков, ако е тоа проблем тогаш нема потреба да се занимаваме со тоа. Но, еве денеска се договоривме дека тоа ќе го правиме со С Македонија. Тоа значи дека кога и да е потребно, во овој случај се работи за летната сезона, за Охрид, но исто така и обратно, подготвени сме да си помагаме едни на други кога станува збор за нашите граѓани кои се наоѓаат во нашите држави – рече Дачиќ.
Тошковски потврди дека четворица полицајци од Србија во текот на август ќе делуваат на подрачјето на Охрид, за што му заблагодари на својот српски колега.
Она што друго ќе биде клучно во наредниот период, како што додаде Тошковски, е соработката на македонското и српското МВР во делот поврзан со обуки и соработка на двата центри за обука со цел размена на искуства и знаења за истата да биде ставена во функција на граѓаните.
-Разменивме искуства и информации во насока на силна полициска соработка којашто ја имаме како две соседни земји, но секако која сакаме да ја подобриме и да ја фокусираме сè со цел да можеме уште подобро да соработуваме меѓу двете земји на ниво на полициските служби. За нас е круцијално да можеме во заедничка соработка да може да делуваме против криминалните групи сè со цел да се справиме со организираниот и транснационалниот криминал којшто го имаме овде и секако, освен борбата против организираниот криминал, раговорите беа и подобрување на соработката во делот на граничните премини – рече тој.