Тошковски го повика Груби да се врати во земјата која го хранела 40 години

by Фокус

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска повторно го повика поранешниот вицепремиер Артан Груби да се врати во земјава за да ја докаже својата невисност во однос на обвинувањата дека тој и поранешниот директор Прпарим Бајрами проневериле околу 8 милиони евра од Државна лотарија.

– За предметните лица, МВР постапи согласно своите надлежности во делот на отпочнување со една кривична постапка. Поднесена е кривична пријава до надлежното ЈО, понатаму процесот се води од страна на јавниот обвинител. Во однос на тоа дека истите се недостапни на органите на прогон, за жал тоа е така. Но, барем еден од нив изјавуваше дека е невин и дека оваа постапка која се води од државните институции, не е согласно закон.

За да го докаже тоа, јас по не знам кој пат би го повикал доброволно да се врати во Македонија и при тоа пред надлежните органи за спроведување ваков тип постапки да ја докаже својата невиност заедно со неговиот партнер, кој што исто така е недостапен на органите на прогон. Постојат и тоа како основани сомневања дека истите поприлично душмански го краделе својот народ во изминатите години – рече Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има нови моменти во однос на потрагата за овие две лица по отворањето на нова канцеларија на Управните служби на МВР во Желино, Тошковски нагласи дека од надлежните институции се работи во насока на нивно откривање, односно распишана е меѓународна потерница и за двете лица.

– Доколку истиот не покаже доблест да се врати во државата која што го хранела повеќе од 40 години, ќе се постапи на друг начин за негово обезбедување пред надлежните институции – рече министерот, посочувајќи дека е јасно пропишана постапката за екстрадиција за одредени лица кои се недостапни на законот.

Поврзани новости