Тошковски е вчудовиден што обвинителството не побарало притвор за Васко Ковачевски

by fokus

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека е вчудовиден што Јавното обвинителство не побарало притвор, како најстрога мерка од Законот за кривична постапка, на поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е осомничен во случајот „Адитив“.

Прашан дали МВР го известило Обвинителството оти ексдиректорот на ЕСМ е недостапен за органите на прогонот, министерот Тошковски вели дека институцијата е информирана и усно и писмено, но оти, за жал, јавниот обвинител што го водел предметот во ОЈО ГОКК одлучил дека не треба да бара мерка притвор.

„Навистина малку сум вчудовиден како за лице коешто е недостапно на органите на прогонот, а притоа е вклучено во криминал од отприлика првично шест и пол милијарди евра, Јавното обвинителство не побара притвор само за него, а за сите други кои се поранешни функционери побара и се моментално во притвор. Навистина не ми е јасно, особено имајќи предвид дека првично во јавноста се шпекулираше дека за таков тип на кривично дело не може да се побара најстрога мерка што како факт е неточно“, изјави Тошковски.

Според министерот за внатрешни работи, Обвинителството морало за лице што е недостапно на органите на прогонот да побара определување мерка притвор.

„Судот нормално не можел да изрече таква мерка кога Обвинителството не ни барало од него“, додава Тошковски.

Поврзани новости