Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бара од надлежните институции и служби целосно да го расчистат случајот, во кој член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски нападнал полицаец во угостителски објект, а потоа бил уапсен.
– Во однос на инцидентот кој се случи изутринава пред угостителски објект на територија на СВР Скопје, а во кој се инволвирани полициски службеници, сакам да ја известам јавноста дека најостро осудувам секаков вид на насилство, а особено кога истото е сторено од страна на вработени во Министерството за внатрешни работи. За наведниот настан веднаш е известен надлежен јавен обвинител кој даде насоки по кои во моментов се постапува, а од страна на надлежните служби во Министерството побарав да се постапи максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури, сè со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај, а за исходот од преземените дејствија веднаш ќе биде известена јавноста – порача министерот Тошковски.
Со осуда за инцидентот се јавија и од партијата ВМРО-ДПМНЕ од каде кажаа дека лицето кое било инволвирано во синоќешниот инцидент, ќе биде отстрането од обезбедувањето на лидерот Христијан Мицкоски и дека нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претседателот на партијата.
– Од она што ни е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. Бараме органите, без заддршка да ги превземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот – велат од ВМРО-ДПМНЕ.