Министерството за внатрешни работи преку кампања ќе ги повикува граѓаните што не ги обновиле возачките дозволи со новото име, да го сторат тоа, зашто старите ќе важат до крајот на годината.
Ова денеска го изјави Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи, по посетата на пунктот за промена на личните документи „Пролет“ во Скопје, посочувајќи дека досега околу 750.000 возачки дозволи се издани согласно одредбите од законот со новото уставно име.
„Потребно да се реиздаде уште одредена бројка, уште 250.000 возачки дозволи со новото име за да ја затвориме целокупната бројка. Апелирам до сите што не ги обновиле возачките дозволи со старото име тоа да го сторат во следниот период“, вели тој.
Според него, издавањето на лични документи е вратено во нормала, односно дека секој граѓанин што ќе поднесе барање за нова лична карта, возачка дозвола или патна исправа тоа ќе може да го оствари во законскиот рок од 15 дена.