Тоше Зафиров во Неготино ќе прими општинска награда: Сето ова има посебна тежина за мене!

by Fokus

Шампионот во бодибилдинг Тоше Зафиров ја доби годинашната општинска награда Осми Ноември, која се доделува по повод Денот на ослободувањето на Неготино.

Општинскиот Совет ја донел одлуката Зафиров да ја добие наградата, поради неговите спортски достигнувања. Покрај богатата кариера во бодибилдингот и бројните достигнувања на интернационални натпревари, тој и неговата сопруга Габриела, која исто така се занимава со бодибилдинг, во август станаа првите Македонци кои се вратија со медали од престижниот натпревар Мр Олимпиа во Романија.

За ,,Фокус” Зафиров раскажува дека секоја награда му е значајна, бидејќи целиот живот го посветил на бодибилдингот и на промоцијата на нашата земја, но и на Општина Неготино и родниот Тимјаник. За Осмоноемвриската награда, вели дека посебно му значи, бидејќи доаѓа од неговиот роден крај, каде израснал и од каде носи убави спомени.

-Сум добивал многу награди секаде низ светот, но наградата од моето родно место има посебна тежина за мене, посебна вредност затоа што доаѓа од местото каде сум израснал, од каде што се моите родители, моите другари од детството, и многу драги пријатели од Тимјаник и Неготино.

Голема е честа за мене што ја добивам оваа награда како признание за целиот мој труд кој го вложувам повеќе од 25 години. Неготино е посебно место за мене и има посебно место во моето срце. При секој мој настап, при секое мое интервју раскажувам за мојот град и го спомнувам. Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот Горан Стојанов, но и на сите останати кои ме поддржаа да ја добијам оваа награда која е многу значајна за мене – ни изјави Тоше, кој денес на свеченост во градот ќе ја прими наградата.

Инаку, Зафиров кој е роден во Тимјаник, Неготино, уште од рана младост започнал да се занимава со бодибилдинг. Беше еден од првите телохранители на поранешниот премиер Никола Груевски, но се откажа од ангажманот, со цел професионално да се посвети на бодибилдингот.

Со семејството живее во Скопје, а во Неготино важи за човек кој е доста ценет од своите сограѓани, најмногу поради хуманоста и скромноста која остана негова одлика и по сите достигнати успеси.

Вики Клинчарова

Поврзани новости