Тоше Зафиров: Кучето беше пресудно да се испробам како модел!

by fokus

-Секогаш сум ги одбивал понудите да се појавам на модна ревија, но овој пат, кучето кое беше на пистата заедно со мене, како дел од кореографијата, беше пресудно да ја прифатам улогата. Инаку, дома чуваме дури четири прекрасни кучиња и големи љубители сме на животните – вели светскиот вицешампион во бодибилдинг и поранешен телохранител на Никола Груевски, Тоше Зафиров, кој минатата недела го сврте вниманието на јавноста, појавувајќи се како модел на модната ревија на ,,Сара Фешн”.

Тоше беше дел од ,,Дијамантската сензација” на модниот бренд, а покрај моделите во долна облека, се појави облечен само во фармерки, придружуван од црн доберман. Покрај него, заедно со уште еден доберман на сцената се појави и фитнес моделот Стефан Митев.

Четирикратниот шампион за ,,Фокус” вели дека е свесен за вниманието кое што го привлекува со своето мускулесто тело, и во неговата долгогодишна кариера како бодибилдер добил десетици понуди за гостувања на модни ревии, спотови и други манифестации поврзани со моделството. Секогаш ги одбивал, бидејќи не се гледал себе како модел, туку едноставно како спортист.

-Со години наназад децидно ги одбивав сите понуди од светот на модата. Но, на понудата да се појавам на ,,Дијамантската сензација” на ,,Сара Фешн” не можев да кажам не, бидејќи се воодушевив од гламурот на настанот, а на некој начин посакав да се испробам и во овие води, да видам како би се снашол во улога на модел, едноставно да видам како би бил прифатен од страна на публиката. Концептот на настанот многу ми се допадна, а пресудно беше тоа што според сценариото јас бев придружуван од преубав доберман. Голем вљубеник сум во кучињата, дома со сопругата и децата чуваме четири, и тие се дел од нашето семејство – вели Зафиров.

Околу тоа дали повторно ќе можеме да го видиме на модната писта, вели дека се зависи од понудите. Лани тој ја промовираше својата прва книга ,,Патот кон врвот” која е продолжение на документарниот филм ,,Никогаш не се откажувај” посветен на неговиот живот, на големите спортски успеси и упорноста да се стигне на врвот и покрај сите животни препреки.

Зафиров три години беше дел од обезбедувањето на Никола Груевски, се до 2008 година, кога се повлече и сосема се посвети на спортот. И неговата сопруга Габриела професионално се занимава со бодибилдинг, и често и носи на земјава златни медали во категоријата фитнес бикини.

Вики Клинчарова

Поврзани новости