Адвокатот Александар Тортевски денеска во гостување на 1 ТВ рече дека до сега добил неколку понуди да биде бранител на поранешни функционери обвинети од СЈО, но дека ги одбил, затоа што не би ги бранел со доволно жар. Сепак, вели дека е изненаден што нивните адвокати до сега не им советувале да ја признаат вината за да добијат помали казни.
-Можеби треба да одам и да им кажам дека треба да признаат вина и да склучат договор со Обвинителството, дека со тоа ќе добијат многу полесен третман и сите тие коишто се подолу во хиерархијата на криминалот ќе добијат многу подобар третман, вели Тортевски.
Според неговата проценка, како еден од адвокатите со најголем стаж во Македонија, би било коректно нивните бранители да им кажат која е песимистичката, а која оптимистичката варијанта, кои се процентите за успех.
-До сега многу мал број на луѓе признаа вина, а тоа е многу опасно. Животот на крај ќе ви испорача фактура. За некоја работа за којашто сега може да се добијат две години или условна, по завршување на процесот ќе се добиваат по пет, десет, тринаесет години, што прави многу голема разлика. Мислам дека адвокатите имаат обврска чесно да им кажат на клиентите дека можеби два, три, пет, десет проценти шанси имаат за ослободителна пресуда, а дека со осудителна ќе добиваат пет, седум, тринаесет години. Еве, сигурно Ѓоко Поповски во најлошиот сон не претпоставувал дека за едната пресуда ќе добие девет, а за другата шест ипол години, објаснува Тортевски и додава дека не очекувал толкава казна и дека можеби треба да се размисли за жалба во негова полза.