Ромските свадби и останати свечености се познати по многубројните гости, луксузот и честото гостување на популарни музички имиња, а пред два една таква голема забава се одржала во Берлин.
Иако не станува збор за свадба, туку за прослава по повод 18-от роденден на момче кое потекнува од балканско семејство, на забавата имало над 1.000 гости и голем број на популарни пејачи.
Цеца, Вики Миљковиќ, Ташке, Нермин Ханџиќ, Шериф Коњевиќ, Ацо Пејовиќ, Саша Матиќ, Снежана Ѓуришиќ, оркестарот на Александар Софронијевиќ, како и водителите Милан Калиниќ и Душица Јаковљевиќ биле дел од роденденската прослава, а од фотографиите кои ги објавија музичките гости се гледа дека станува збор за мегаломански настан на кој не се штедело.
Посебно внимание привлекува тортата –Аџелина Џоли, во природна големина, на која се запазиле и најситните детали, па дури ја има и тетоважата на популарната холивудска актерка.
И во Македонија еден од најпознатите Ромски настани – Ромски бал, секоја година во јануари привлекува внимание со луксузот, познатите музички имиња, како и гостите кои со месеци однапред се подготвуваат и доаѓаат во блескави тоалети.
Ромскиот бал започна да се одржува по иницијатива на Амди Бајрам, а откако тој почина, улогата на организатор ја презеде неговиот син Габриел Бајрам, претседател на Сојузот на Ромите.
Неодамна на една регионална телевизија се објави интервју со Ромскиот пејач Мухарем Сербезовски, по потекло од Скопје, кој долго живее во Босна. Тој ги коментираше популарните Ромски свадби и семејни забави, кои некогаш траат и по неколку дена, а на видео снимки од истите се гледа дека естрадните гости добиваат илјадници евра бакшиш.
-Вистината е сосема подруга. Ние договараме хонорар со организаторот, и го добиваме тој хонорар во целост. Кога јас настапувам, доаѓа до мене камерата и снима, доаѓаат гостите и започнуваат да ме китат со евра, се има случено тоа да бидат и суми од по десеттина илјади евра.
Се објавуваат тие снимки, а потоа, откако ќе се тргне камерата, ние музичарите ги враќаме тие пари назад. Нема лутење, се е шоу, најважно е што договорениот хонорар го добиваме во целост – откри Сербезовски.
Вики Клинчарова