До крајот на денешниот ден особено во западните, како и во североисточните предели на државава ќе има локални послаби врнежи од дожд, додека во останатите предели времето ќе биде сончево со умерена локална облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југозападен правец кој повремено на некои места ќе достигнува брзина од над 70 км/час, истиот ќе услови натпросечно високи температури на воздухот кои ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 20 степени.
Во текот на ноќта кон утрешниот ден повторно особено на север и на запад врнежите ќе се интензивираат, додека поради продорот на постуден воздух од север на повисоките планини ќе има услови за врнежи од снег. Локални врнежи од дожд и снег на повисоките планини и тоа особено на запад и на север ќе има и утре. Ветерот кој го имаме од југозападен правец утре ќе го промени својот правец во северен и северозападен, па така и температурите ќе бележат тенденција на пад.
Веќе во недела максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 14 степени. Особено студено утро ќе имаме во недела кога минималните температури ќе се спуштаат во интервалот од -3 до 5 степени и токму овој продор на некои места ќе услови појава на слаб мраз. На високите места и на планините ќе биде и постудено. Во недела како и на самиот почеток од следната недела ќе настапи стабилизација на временската состојба.
Подготви: Славчо Попоски