Топлотниот бран што ја зафати западна Европа продолжува да предизвикува разорни шумски пожари. Овој топлотен бран е втор за нешто повеќе од еден месец во Европа. Според научниците, зголемувањето на овие појави е директна последица на глобалното затоплување, а емисиите на стакленички гасови го зголемуваат нивниот интензитет, времетраење и зачестеност.
Во Франција, Грција, Португалија, Шпанија, пожарите изгореа илјадници хектари, принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови, а минатата недела зедоа животи на неколку пожарникари и спасувачи. Засега нема пријавени жртви во пожарите во Франција и во Шпанија, но, властите во Мадрид соопштија дека високите температури предизвикале стотици смртни случаи.
Во југозападна Франција од вторникот изгореа речиси 11.000 хектари шума. Француската метеоролошка служба прогласи црвен код за опасност од горештини во 15 департмани во западниот дел на земјата, што е знак за врв на екстремни горештини.
– Денеска може да биде еден од најтоплите денови во Франција. Жештините се зголемуваат, топлотниот бран се шири низ државата, предупредува државната метеоролошка служба и очекува уривање на многу температурни рекорди, особено на западот и југозападот од државата.
Во Тест де Буш „ситуацијата се влошува. Пожарот стигна до морето и се движи кон југ“, се вели во соопштението на префектурата на Твитер, каде се повикува на „екстремна претпазливост“. Двата големи пожари кои беснеат шест дена во Франција доведоа до евакуација на околу 16.200 луѓе.
Околу 20 шумски пожари сè уште беснеат во Шпанија и се надвор од контрола во различни делови на земјата. Во најјужниот дел на земјата, синоќа е ставен под контрола пожарот што избувна во петокот во планините во близина на Малага.
Според локалните власти, пожарот уништил речиси 2.000 хектари и принудил евакуација на повеќе од 3.000 жители.
Температурите вчера достигнаа 39 степени во Мадрид, 39,7 степени во Севиља и максимални 43,4 степени во Дон Бенито кај Бадахоз.
Педесетгодишен маж починал вчера од топлотен удар додека се шетал на улица во Торехон де Ардос, во близина на Мадрид, соопшти службата за итни случаи. Кога пристигнала итната помош, мажот бил во „кардиореспираторен застој“ и со телесна температура од 40 степени. Претходниот ден во Мадрид, 60-годишен работник на патишта почина од топлотен удар. Министерството за здравство на Шпанија соопшти дека од 10 до 14 јули заклучно, како последица на екстремно високите температури, починале 237 лица.
Во Португалија завладеја затишје: вчера, за првпат од 8 јули, температурите не надминаа 40 степени, соопшти националната метеоролошка служба, откако во четвртокот го достигна јулскиот рекорд од 47 степени. Според португалската служба за цивилна заштита, само еден голем пожар, во близина на Чавес во најсеверниот дел на земјата, се смета за активен и „практично под контрола“ во 90 отсто од неговиот периметар.
Сепак, речиси целата територија на Португалија е под „максимален“, „многу висок“ или „висок“ ризик од пожар, особено во централните и северните региони.
Според најновите податоци на португалските власти, во пожарите од минатата недела загинале две лица, а околу 60 се повредени. Од почетокот на топлотниот бран изгореа меѓу 12.000 и 15.000 хектари шума.