Силен топлотен бран предизвика температурите да се искачат значително над јунскиот просек во повеќе земји, а во некои случаи беше забележан и пораст и до 20 степени.
Интензивните горештини низ поголемиот дел од Европа поставија јунски температурни рекорди од Арктичкиот круг сè до Северна Африка.
Норвешка забележа температура од 32,5 степени Целзиусови во Банок во средата, наводно највисоката температура досега забележана внатре во Арктичкиот круг во Европа. Тоа е значително повисоко од јунскиот просек од 13 степени.
Во Полска во понеделникот температурата достигна околу 35 степени, а во делови од источна Германија измерени се 37 на повеќе локации, пишува „Ал Џезира Балканс“.
Јунските температурни рекорди беа срушени во Словенија и Хрватска, додека во Босна и Херцеговина температурата беше за 0,2 степени пониска од јунскиот рекорд од 41 степен.
Екстремните горештини се проширија во Северна Африка. Температурите во Тунис во понеделникот го израмнија месечниот рекорд од 48,7 степени.
Од друга страна, Европа ја зафатија и грмотевици, кои предизвикаа разорен одрон во јужна Австрија, при што загина едно лице.
Во останатиот дел од неделата се очекува ново невреме пропратено со грмежи, град и засилен ветер.