Основното јавно обвинителство за организиран криминал, пред кратко време, подигна обвинение против членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за незаконско доделување на лиценци на спроведениот оглас кон крај на 2012 година. објави „Топлификација“, откако во 2012 ја загуби лиценцата за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, а истата му беше доделена на БЕГ.
„Регулаторна комисија за енергетика на ден 29.11.2012 год. има објавено јавен повик за избор на носители за лиценца за вршење на енергетски дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. На јавниот повик распишан од РКЕ за лиценца за дистрибуција на топлинска енергија учествуваше фирмата во сопственост на Топлификација АД, Дистрибуција на топлина ДООЕЛ. Оваа фирма на конкурс за доделување на лиценца во 2010 година ја добива лиценцата за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија. Согласно така добиената лиценца фирмата ја извршува оваа дејност до 31.12.2012 година.
На јавниот повик од ноември 2012 година се јавуваат и три фирми во сопственост на БЕГ АД формирани во текот на август 2012 година со основачки влог од по 5.000 евра секоја. Во време на траење на огласот и во време на евалуација на кандидатите кои конкурирале на овој оглас фирмите во сопственост на БЕГ АД не исполнуваат ниеден услов за добивање лиценца. Немаат вработени и немаат основни средства за вршење на дејностите за кои конкурираат.
Од таму велат дека фирмата во сопственост на БЕГ АД која ја добила лиценцата за дистрибуција, немала во сопственост мерни уреди за мерење на топлинската енергија на праг на производителот и на праг на објектите, додека пак Топлификација АД поседувала мерно регулациона опрема во вредност од околу 1 милион евра.
„Новиот носител на лиценца оваа опрема ја користи без дозвола на сопственикот и без да плаќа надоместок за користењето. До денеска новиот носител на лиценца со користењето на оваа опрема генерирал штета на фирмата Дистрибуција на топлина ДООЕЛ во висина од 1 милион евра, колку е вредноста на опремата на 31.12.2012 година“, се додава во соопштението.
Топлификација смета дека штетата што била предизвикана со не доделување на лиценцата за дистрибуција на топлина е околу 2,2 милиони евра без законска камата.
„Доколку оваа штета не се наплати од носителот на лиценца, согласно закон, истата ќе се побарува од државата бидејќи е настаната поради незаконски доделена лиценца од РКЕ“, најавуваат од претпријатието.