Топланите и дистрибутивната мрежа се 100 отсто функционални, односно кај нив не се евидентирани никакви дефекти, изјави денеска помошник директорката за производство од АД ЕСМ Александра Маројевиќ.
Таа појасни дека секој почетокот на грејната сезона е период кога се јавуваат многу дефекти во потстаниците, како и кај внатрешните инсталации во домовите на потрошувачите.
Во текот на вчерашниот ден и денеска претпладне, како што информира Маројевиќ, пријавени се околу 600 дефекти од корисници на топлинска енергија, а најголем број дефекти се однесуваат на истекување од внатрешни инсталации.
-Овие дефекти не можат да се предвидат од наша страна, ниту од страна на корисниците. Во моментов се направени 77 такви интервенции. Во таков случај нашите екипи ја прекинуваат испораката на топлинска енергија во тие потстаници се додека кај корисниците не се отстранат дефектите од истекувањето, појасни Маројевиќ, која денеска заедно со сервисна екипа беше во посетата на станбена зграда во скопската населба „Пролет“ од каде имале пријава за ладни радијатори.