Топалова-Исајловска чека мислење од Антикорупциска за тоа дали да ја изземе Ристоска од ,,Талир 1″

by valentina 17:29
17:29

В.Д.републичката јавна обвинителка Анита Топалова-Исајловска чека мислење од Антикорупциска за да донесе одлука дали обвинителката Ленче Ристоска ќе продолжи да го застапува предметот ,,Талир 1″, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, или ќе биде изземена.

Бидејќи помина повеќе од еден месец откако и одбранат на обвинетите во ,,Талир 1″ побараа изземање, но и самата обвинителка Ристоска побара републичката обвинителка да даде мислење дали да продолжи со застапување на предметот, поради приватната тужба за клевета која ја поднесе против ВМРО-ДПМНЕ, од обвинителството ни одговрија дека се чека мислење од Антикорупциска.

-Со цел донесување одлука по поднесеното барање, В.Д. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија побара мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата во однос на постоењето на судир на интереси во конкретната ситуација. По добивање на мислењето, ќе биде донесена одлука, одговорија од Обвинителството за ,,Фокус”.

Чекајќи го мислењето од Топалова-Исајловска, во Кривичниот суд се одложија две рочишта за овој предмет.

Инаку, неодамна обвинителката Ленче Ристоска истакна дека самата се обратила до републичкото обвинителство за завземање на правен став дали е потребно обвинител да се изземе во ситуација како нејзината, односно е цел на напад од обвинетото правно лице, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, а таа превзема мерки за заштита. Претходно нејзино изземање побараа и обвинетите.

-Не ме изненадува барањето за изземење, не е првпат обвинетите да бараат јас да не бидам обвинителот кој го застапува обвинението. Јас лично сметам дека не се исполнети условите за изземање, но имајќи ги во предвид променетите околности, и јас се обратив со барање до Републичкото јавно обвинителство за завземање на правен став, дали во вакви ситуации, за заштита на обвинител на напади од обвинето лице, и кога обвинителот превзема мерки за личниот интегритет, дали е потребно обвинителот да се изземе. Ќе напоменам дека се уште немам одговор на ваквото барање, рече пред еден месец обвинителката Ристоска.

Обвинителката неодамна поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ, и како што рече, за ваквата состојба сметала дека треба да го извести Републичкото обвинителство.

Судењето никако да почне по 6-ти пат од почеток, се одложува додека не се изјасни в.д. републичката јавна обвинителката Топалова- Исајловска.

Во случајот се обвинети екс-премиерот Никола Груевски, како и Илија Димовски, Кирил Божиновски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески. Предметот започна во февруари 2019 година.

Валентина Вурмо

Слични вести