ТОП-10 ТЕНДЕРЏИЈА: Битолска компанија која го добила највредниот тендер, работи и како најголем подизведувач на пругата кон Бугарија!

„Стентон Градба“ влегува во листата на топ-10 компании според вредноста на договорите за јавна набавка склучени од 2019 до 2023 година, кога оваа битолска компанија го добила и највредниот поединечен тендер тежок 29 милиони евра. Во овој 5-годишен период, според истражувањето на ЦГК, „Стентон Градба“ добила тендери во вкупна вредност од 66,5 милиони евра, што е за нецели 5 милиони евра помалку од вкупните приходи на друштвото. Сепак, оваа градежна компанија работела на проекти финансирани со јавни средства и како подизведувач ангажиран од избраниот изведувач. Таков е случајот со изградбата на втората делница од пругата кон Бугарија, каде, како што пишуваше „Фокус“, таа е најголемиот подизведувач на турски „Гулермак“.

by Фокус

За петгодишниот период од 2019 до 2023 година, во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 359 милијарди денари или 5,8 милијарди евра, а 36 отсто или околу 2,1 милијарда евра од вредноста на тендерите им припаднала на 50 фирми, при што само првите 10 фирми на врвот на оваа листа добиле тендери во вредност од близу 1,3 милијарда евра, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Веќе пишувавме за компанијата која е на прва на листата со најголеми добитници на тендери. Станува збор за  „Марковски компани“ од Битола, која во посочениот период 2019-2023 склучила вкупно 77 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 151 милиони евра. Од нив, дури 66 тендери биле со државното претпријатие АД ЕСМ во вредност од 141 милиони евра или 93 проценти од вкупната вредност на тендерите.

„Марковски компани“ за 5 години добилa тендери вредни над 150 милиони евра, но ЕСМ и го раскина договорот за ископ тежок 46 милиони евра!

Инаку, овие договори се за ископ на јаловина, за ангажирање помошна механизација, за ремонтни активности, за високостручни машински интервенции со работна рака, за работна рака за тековни машински интервенции и други обврски во рудниците на РЕК Битола. Она што е индикативно, дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, „Марковски компани“ ги добила во нетранспарентна постапка – со преговарање без објавен оглас.

Истовремено, оваа фирма се најде во фокусот на јавноста, откако актуелниот директор на РЕК Битола, Тони Петрушевски, информираше дека ја раскинал рамковната спогодба за ископ на јаглен и јаловина која во февруари годинава ја потпиша претходното раководство на АД ЕСМ. Поточно, договорот беше со важност од 18 месеци, т.е. до август 2025 година, но по последниот развој на настаните тој нема да се реализира во целост.

-Носителот на набавката не ги испочитува предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. „Марковски компани“ како ангажиран оператор со несоодветно постапување покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата – рече Петрушевски.

Се работи за договор за јавна набавка склучен на 13-ти февруари 2024, чие извршување практично веќе престанува да важи согласно член 15 од самиот договор. Според Бирото за јавни набавки, „Марковски компани“ го добила тендерот вреден 2,8 милијарди денари или 46 милиони евра во конкуренција на „Пелистер“ и „Гранит“.

Меѓу другото, членот 6 од договорот кој беше раскинат открива дека „Марковски компани“ ангажирал подизведувачи за вкупно 10 отсто од работата. Меѓу нив се струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор транс“, кои се поврзуваат со семејството на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев. Третиот подизведувач, пак, е „Топлина“ од Охрид.

Воедно, истата комбинација на „Марковски компани“ и струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор транс“ може да се најде во уште еден вреден тендер од ланската 2023 година, за кој уште тогаш исто така пишувавме. Оваа рамковна спогодба за ископ на јаловина е склучена на 03.10.2023 година на износ од 1,5 милијарди денари или околу 25 милиони евра. Исто така, и според овој договор подизведувачите добиваат 10 отсто од вкупната зделка.

Тендер тежок 25 милиони евра: Фирми блиски до Заеви долетаа во РЕК Битола со „Марковски Компани“!

Покрај „Марковски компани“, на листата со 50 најголеми добитници на тендери може да се сретнат градежни компании, нафтени фирми, веледрогерии, додека на дел од нив речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки. Според истражувањето на ЦГК, во наведениот период биле склучени 168.400 договори за јавна набавка со 6.378 фирми. Оттука прозлегува дека тендер добиле 9 отсто од вкупно регистрираните околу 71.300 фирми во државата.

Па така, меѓу најголемите добитници на тендери може да се сретнат  „Д-р Пановски“, „Пуцко Петрол“, „Гранит“…, додека списокот се заокружува со уште една битолска градежна фирма – „Стентон Градба“. За време на споменатиот 5-годишен период од 2009 до 2013 година, оваа компанија склучила 168 договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 4 милијарди денари или 66,5 милиони евра.

Патем, оваа битолска компанија го склучила најголемиот поединечен договор за јавна набавка во посочениот период. Тоа е договорот со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, склучен во декември 2023 година, за изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, детски градинки и складишта со придружни содржини (паркиралишта) во индустриските зони во Скопје, Штип и Прилеп. Вредноста на договорот изнесува 29 милиони евра.

Она што е интересно, во истиот 5-годишен период „Стентон Градба“ остварила вкупни приходи од 71,4 милиони евра, што е за само нецели 5 милиони евра повеќе од вредноста на договорите за јавна набавка склучени во истиот период. Тоа значи дека скоро цела работа на оваа градежна компанија се потпира на тендери, што впрочем е случај со безмалку сите други фирми од водечката „десетка“.

Згора на тоа, треба да се посочи дека оваа битолска компанија работела и на проекти финансирани со јавни средства, каде не била носител на договор за јавна набавка, но се јавувала како подизведувач ангажиран од изведувачот со кој бил склучен договор. Тоа произлезе и од податоците што ги обезбеди неделникот „Фокус“, истражувајќи ја изградбата на железничката пруга кон Бугарија.

Имено, минатиот месец објавивме дека на половина од рокот за изградба на втората секција од железничката линија кон Бугарија (Бељаковце-Крива Паланка), процентот на реализација е само 25 отсто, додека изведувачот „Гулермак“ од Турција ангажирал 4 подизведувачи за вкупно 15 отсто од договорот тежок 155 милиони евра, меѓу кои има 2 компании во сопственост на турски државјани, регистрирани во ист ден и на иста адреса.

ПРУГА КОН БУГАРИЈА: Парче од милионскиот колач за втората делница „изеле“ турски подизведувачи основани на ист ден и адреса!

Сепак, од сите 4 подизведувачи, најголем дел од работата и била отстапена на „Стентон Градба“ на Горан Стојаноски и Гоце Стојаноски, која добила 11,56 отсто од договорот. Притоа, вреди да се потенцира дека оваа градежна фирма бележи раст во приходите од 2022 во 2023 година од 1,2 на 1,4 милијарди денари. Во минатото, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ често ја споменуваа компанијата во меѓусебните политички пресметки.

Што се однесува до пругата, како инвеститор се јавува ЈП Железници-Инфраструктура, од каде ни доставија информации, според кои за изградба на втората секција од Бељаковце до Крива Паланка, долга 34 километри, на 20.7.2022 година потпишан е договор вреден 155.031.533 евра со турски „Гулермак“, кој почнал со градежни активности на 19.10.2022 година. Иако рокот за изградба на оваа делница е 22.10.2026 година, до септември годинава фактичкиот физички прогрес изнесува само 24 отсто, а финансискиот прогрес до јули е 24,92 отсто.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости