Екс градоначалникот Тони Трајковски на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ сам се појави во Кривичниот суд, иако вчера судијата Огнен Ставрев побара обвинетиот стражарно да биде приведен.
Судијата Ставрев и на денешното рочиште повтори дека поради измени судечкиот совет, предметот започнува од почеток.
– Сакам адвокатот да даде податоци во мое име бидејќи имам лекарска препорака која ви е доставена и поради медицинска терапија не можам да присуствувам на рочиштето – рече Трајковски.
Судијата Ставрев пак му возврати дека во медицинската документација немало напишано ништо страшно, на што реагираше одбраната на обвинетиот тврдејќи дека од медицински аспект тој не е во можност да даде своја одбрана.
Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО. За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.