Тони Делков: Со мирен поглед ќе можам да го погледнам секој од вас!

by Fokus

Поранешниот градоначалник на Општина Неготино, Тони Делков од редовите на СДСМ, им се обрати на сограѓаните по повод вчерашното примопредавање на функцијата, на д-р Горан Стојанов од ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето обраќање, тој повторно се пожали дека кога стапил на функција пред четири години, наследил пустош, мрак, режим, диктатура и блокирани сметки.

-Не беше лесно да се биде градоначалник на една задолжена и опустошена општина. Работевме домаќински и тоа го покажуваат бројките. Денес на сметката на општината има 17.419.519 денари, и на сметката за донации над четири милиони денари, порача тој. Се пофали дека за време на неговиот мандат во Неготино многу се градело, се создале услови за вински туризам, рестрикции на водата за пиење скоро и да немало, училиштата добиле сјај, реализирал многу проекти, се изградила детска градинка и социјална зграда, реновирал паркови, реконструирал улици… -Затоа денес горд и со чисто лице ја напуштам функцијата градоначалник на Неготино. Создадовме услови за реализација на многу нови проекти – изјави тој помеѓу другото. Се заблагодари за добиената поддршка и им посака на сите среќа во периодот кој доаѓа во општината, а на новиот градоначалник му посака успешна работа. -Секогаш ќе можам со мирен поглед да го погледнам секој од вас – порача Делков во завршното излагање.

Вики Клинчарова

Поврзани новости