Тони Алексовски, претседател на „Десна“, смета дека Палевски и партијата се жртви на хајка

Факт е дека државните органи направија сериозно нарушување на Уставот и законите, односно го нарушија едно од основните човекови права загарантирано во Уставот – пресумпцијата на невиност, што укажува дека се работи за злосторничко здружување на власта против „Десна“ и аматерски монтиран случај, вели Алексовски.

by Фокус

На преминот од 2022 кон 2023 година се формира политичката партија „Десна“, чиј прв претседател е Љупчо Палевски-Палчо, но по двојното убиство на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска партијата го замрзна членството на Палевски и другите осомничени, а нов в.д. претседател стана Тони Алексовски. Ако на почеток новото партиско раководство беше повнимателно во однос на грозоморното убиство, сега веќе говорат за политички монтиран случај против Палчо, но и за заговор против партијата, која се подготвува за изборен настап.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Имате ли информација дали е поведена иницијатива за бришење на „Десна“ од регистарот на политички партии?
АЛЕКСОВСКИ: Моите лични информации, како и информациите што ги имаат членовите од „Десна“ се од шпекулативни извори, затоа што никој никогаш, колку што знаеме, се нема јавно произнесено дека некој има покренато каква било иницијатива за бришење на „Десна“ од регистарот на политичките партии.

Многу веројатно дека самата информација е без основа и злонамерна дезинформација со цел нанесување штета на „Десна“, како единствена промакедонска партија, која уште од првите месеци од нејзиното основање покажа чисто промакедонска политичка активност. Еден од примерите за тоа е иницијативата и реализацијата на собирање Декларации за зачувување на името и статусот на МПЦ-ОА.

Дека се работи за шпекулација или намера на органите на власта да ѝ наштетат на промакедонската „Десна“ е фактот дека промената на раководството на „Десна“, како и некои други податоци, поминаа без било какви проблеми од страна на Основниот граѓанскиот суд Скопје.

ФОКУС: Кој е вашата позиција во однос на првичните наводи на надлежните институции, кои ги сомничат Палевски и уште тројца партиски членови за киднапирање и убиство?
АЛЕКСОВСКИ Обвинителството и полицијата немаат никакви материјални докази за вмешаност на Палевски и другите членови за киднапирање и убиствата на Вања и Панче. Дел од признанијата од притворените се изнудени со надминување на ингеренциите на истражните органи, односно со примена на свиреп ќотек. Доказ за тоа е менувањето на првичниот исказ на најмалку еден од обвинетите.

Раководството на „Десна“ го дели и застапува мислењето и ставот на членството, како и на се поголемиот дел од јавноста, дека се работи за екстремно матна, избрзана и неоснована хајка против дел од членовите на „Десна“, како и против самата „Десна“.

Факт е дека државните органи, во прв ред Јавниот обвинител Гаврил Бубевски и Министерот Оливер Спасовски, направија сериозно нарушување на Уставот и законите, односно го нарушија едно од основните човекови права загарантирано во Уставот – пресумпцијата на невиност, што укажува дека со огромна веројатност, да не кажам сигурност дека се работи за злосторничко здружување на власта против „Десна“ и аматерски монтиран случај.

ФОКУС: Неодамна, преку „Десна“ беше лиферувано и писмо од првоосомничениот Палевски, па дали може да потврдите дека писмото е автентично напишано?
АЛЕКСОВСКИ: „Десна“ е сериозна промакедонска политичка партија, што значи дека објавува автентични документи. Писмото од Љупчо Палевски е напишано лично од него, објавено е без било какви измени, дополнувања или корекции. Колку се точни наводите во него, тоа Палевски ќе го потврди кога ќе биде екстрадиран.

Што се однесува до екстрадицијата, сигурен сум дека тој барал брза екстрадиција уште на 6 декември 2023 година и дека процедурата за екстрадиција е завршена кон средината на јануари 2024 година. Не е екстрадиран само затоа што македонското Министерство за правда сѐ уште нема официјално побарано екстрадиција на Палевски.

Зошто, тоа треба да го прашате лично Министерот Кренар Лога, особено што во јавните настапи отворено ја манипулираше јавноста дека тој пратил барање за екстрадиција и дека секој момент треба Палевски да биде екстрадиран.

Дури и Стево Пендаровски излезе со дипломатски, аматерска изјава дека тој ургирал кај Ердоган за брза екстрадиција на Палевски. Демек покренал врски.

Јас, како и се повеќе и повеќе Македонци, познавајќи го лично, знаејќи ги неговите намери и заложби, како и особено по запознавањето со содржината на неговото писмо, сигурен сум дека Палевски е жртва на политичка хајка од системот кој што тој е решен да го смени од корен.

ФОКУС: Во последниот период, вашата партија беше споменувана во рамки на меѓупартиски пресметки во смисла на тоа кој стои зад нејзиното формирање и делување.
АЛЕКСОВСКИ: Во име на основачите на „Десна“, лично јас в.д. претседателот на „Десна“, отворено изјавувам дека ДПСМНЕ и СДССМ ги надминаа сите норми на коректно политичко однесување и најпримитивно почнаа меѓусебно да се обвинуваат дека едните, односно другите ја основале „Десна“.

Меѓусебните обвинувања се обид за одлично маскирање на нивните намери максимално да ја оцрнат „Десна“, односно да ја минимизираат нејзината вистинска моќ и решителност да се избори за Република Македонија, Македонците, Македонизмот и нејзиниот Суверенизам во вистинска смисла на зборот.

„Десна“ е основана, независно од било кој внатрешен или надворешен политички орган, партија или служба, од решителни Македонки и Македонци, Родољуби кои што се разочарани од сите до тогаш постоечки политички партии и нивната сервилност во однос на антимакедонските надворешни и внатрешни политички фактори.

ФОКУС: Какви се плановите на „Десна“ во однос на претстојните избори? Дали ќе поднесете пратенички листи?
АЛЕКСОВСКИ: Кандидатката за претседател поддржан од „Десна“ беше единствен кој што „Десна“ можеше да го поддржи затоа што нејзината програма беше во апсолутна согласност со политиката на „Десна“. „Десна“ како партија нема да излезе со званичен став за претседателските избори, односно нема да врши насочување на гласачите во која било насока.

Мој личен став е дека ќе гласам само кога имам право на избор, односно кога ќе има минимум еден кандидат кој што ќе ги застапува интересите на Република Македонија и Македонците. Да бидам прецизен, на престојните претседателски избори нема да гласам, односно ќе ги бојкотирам претседателските избори во двата круга, затоа што сите кандидати се антимакедонско-просеверно ориентирани.

„Десна“ ќе учествува на парламентарните избори. За тоа дали ќе поднесеме листи на сите изборни единици или не, зависи од одлуките на органите и телата на „Десна“, како и од тешкотиите што ги создава ДИК.

Прв проблем, кој беше неочекуван, се тековните невообичаени тешкотии при дејствување на седмата изборна единица, факт кој укажува дека ДИК или прави намерни опструкции во пријавата на македонските гласачи што живеат надвор од Македонија, или имаат саботери во изготвувањето, одржувањето и менаџирањето на нивната официјална веб страна.

Во тек се преговори за коалицирање во една или две изборни единици. Врз основа на горенаведеното, поради неагилноста, нестручноста и/или опструкцијата од ДИК, ни пропадна договорот за коалицирање во седмата изборна единица. Во повеќето изборни единици ќе настапиме самостојно.

Додека Палчо чека екстрадиција, „Десна“ се подготвува за избори: Како осомничен за двојно убиство формираше партија?

 

Поврзани новости