Штипскиот универзитет Гоце Делчев беше отворен за време на режимот од страна на владата на Никола Груевски, за потребите да се вработуваат партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ и за издавање на дипломи на партиски кадри, смета Живорад Томовски, универзитетски професор на Природно-математичкиот факултет при скопскиот УКИМ.
„Штипскиот универзитет послужи да се урне рејтингот на најстариот универзитет УКИМ во Македонија и да се урнисаат вредностите и критериумите кои дотогаш постоеја за високото образование во Македонија. Кадровската структура и јачина на УКИМ драстично опадна за сметка на Штипскиот универзитет. Студентите на Штипскиот универзитет добија слаби наставници кои им овозможија дипломирање по линија на помал отпор. Почнаа да се штанцаат многу дипломи преку ноќ. Многу декани на УКИМ во времето на груевизмот му дадоа поддршка на овој универзитет со услуга на кадри, па дури и самите декани предаваа и тезгареа таму. Јас јавно го кренав гласот во тоа време, бев против тој универзитет, затоа што ми беше јасно дека ќе биде канцер за високото образование во Македонија. Не сакав да се приклучам кон групата професори кои ги земаше тезгарошко комбе секое сабајле од Скопје, ги носеше до Штип да оддржат предавања и повторно навечер ги враќаше назад“, напиша Томовски на неговиот фејсбук профил.
Тој смета овој универзитет е непотребен и го цица буџетот за образование во Република Македонија, но, според него, ако треба да носи некакво име, тоа не треба да биде на Гоце Делчев, туку на Никола Груевски.