Читањето книги го практикуваат дел од луѓето во Македонија, кои поради хоби, кои поради пополнување на слободното време. Така се збогатува и речникот и се отвораат нови книжевни светови кои постојат само во литературата.
Томитка Раданлиева од Гевгелија направи несекојдневен потфат во изминатата година, читајќи вкупно 438 книги, што е за поздравување. Таа во разговор за „Фокус“ раскажа за нејзината љубов кон книгите, кои и се најверен другар кога живееме во време на пандемија и контактите е препорачливо да ги сведеме на минимум.
„Читам книги од малечка, уште од предучилишна возраст – ги читав сликовниците со помош на мојата баба. Потоа, љубовта кон книгите ја засадија моите учителки, наставници и професори во основното и средното училиште. Секогаш ги читав лектирите и делата, а некои ги читав и по повеќе пати.
Така, читав секогаш кога имав слободно време, после училиште, или кога ќе завршев со работа. Кога станав мајка, добив многу нови обврски, но, времето за читање книги ми беше се‘ помало и помало. Пред три години, заради здравствени проблеми ја прекинав работата која ја работев долги години и започнав активно и постојано да читам книги“, го започна разговорот Раданлиева.
Зачленувањето во книжевните групи на социјалните мрежи дополнително ја поттикнале да се „зарази“ со книгите кои секојдневно и прават друштво.
„Кога не смеете да движите многу и кога цел ден треба да го поминете лежејќи, нема што друго да се прави. Само лежам и читам, а тоа е се што ме исполнува. Прочитаните книги не ги гледам како бројка, туку само водам евиденција за тоа што сум го прочитала. Си имав зададено да прочитам околу 350 книги, но, тоа беше само уште еден предизвик за мене.
Можам да кажам дека читав постојано во денот, ете, без основните дневни потреби, околу 12 до 15 часа. Најчесто читам по повеќе книги во исто време, па некогаш во ист ден завршувам со читање на две до три книги, секако, ако се со помал број на страници“, го продолжи разговорот таа.
И покрај големата бројка на прочитани книги, Раданлиева се потруди да ги одбере најдобрите три прочитани за изминатата 2021-ва година.
„Прва е „Татковина“ од Фернандо Арамбуру. Историска фикција која опишува две премногу блиски шпански семејства, кои се замразиле поради политички конфликт со појавата на паравоената организација ЕТА. Арамбуру заслужено е еден од најнаградуваните шпански автори, со прекрасни приказни зад себе. Втора е „Убиј го таткото“ од Сандроне Дациери.
Во оваа книга се зборува за Данте Торе, кој поминал 11 години затворен во силос од бетонски ѕидови, од човек познат како „Таткото“. Данте му побегнал на киднаперот, но по неколку години, како вработен во полицијата, Данте дознал за случај кој упатува кон Таткото, кој сакал повторна средба со него.
Трета за 2021 – ва година би ја издвоила историската фикција „Запишано во ѕвездите“ од Паринуш Сание. Можам да кажам дека е многу повеќе од една љубовна драма, бидејќи овде се опишани традициите во Иран, за судбината на жените и нивните големи страдања. Ги сакам книгите кадешто се опишани традициите на разни култури, а оваа книга дефинитивно ќе ја паметам уште долго“, го заврши разговорот нашата соговорничка.
Јорданчо Цветаноски