Еден од најпознатите Македонци во Србија, адвокатот Тома Фила, на претстојните избори на сите нивоа во Србија е кандидиран од Социјалистичката партија (СПС) на Ивица Дачиќ за градоначалник на Белград.
Тој е член на Претседатеството на СПС, досега беше пратеник на оваа партија во српското Собрание и деновиве ја води предизборната кампања, во која, меѓу другото, кажува дека Македонците во Белград ќе имаат единствена можност да имаат градоначалник Македонец, со македонско државјанство. МИА во Белград разговараше со Тома Фила за мотивите за кандидатурата, за Белград и Македонците, за прогнозите на изборите во Србија и односите меѓу Србија и Северна Македонија.
„Мојот дедо беше градоначалник на Скопје. Тој го направи паркот по урнек на француските паркови, со вештачки езера по кои можеше да се весла со кајчиња, ја направи и Зоолошката градина. Тој беше градоначалник на Скопје од 1923 до 1926 година, и јас си кажав, па ако можеше дедо ми да биде градоначалник на Скопје, зошто не би можел јас да бидам градоначалник на Белград. Се надевам со помош на Македонците што живеат во Белград, кои ќе имаат единствена можност да имаат градоначалник Македонец!“, вели Фила.