Угостителсите објекти почнувајќи од утре па се до 20-ти јануари ќе работат со скратено работно време, до 18 часот и забранета е секаква прослава за новогодишната ноќ. Оваа одлука предизвика низа реакции во јавноста, а токсикологот Нико Беќаровски во кратко-интервју за „Фокус“ смета дека ваквата мерка е неопходна.
„Одлуката за забрана на сите прослави во текот на престојните верски и новогодишни празници е логична последица на моменталната здравствена состојба кај нас, во регионот, како и во цела Европа. Ако ги погледнеме мерките кои се воведоа во голем дел на европски држави, кои се многу порестриктивни и поригорозни, ние уште и „добро поминавме“. Имајќи ги во предвид традиционалните предновогодишни прослави кои се одржуваа, оваа мерка беше неопходна“, посочи Беќаровски.
Најголем револт за неможноста од прослава има очигледно кај младите, кои се почесто го изразуваат своето незадоволство поради ваквата состојба.
„Младите во сите изминати месеци имаа специфичен пристап кон пандемијава. Голем дел од нив сериозно ја сфатија пандемијава на почетокот, но бурниот младешки дух, како одминуваше и траеше пандемијава се почесто бараше издувен вентил за својот социјален порив. Долгото отсуство од училишните клупи, што лично го сметав за голема грешка, придонесе за барање на алтернативни места за нивно дружење, каде контролата и почитувањето на мерките за лична заштита беа на минимум. За жал сите забрани и ограничувања не ги дадоа очекуваните резултати“, додава Беќаровски.
Клиниката за токсикологија беше најпосетувано одделение за новогодишната ноќ поради алкохолизирана состојба на луѓето години наназад. Беќаровски посакува тој број оваа година да биде преполовен.
„Новогодишната прослава секогаш била пропратена со голем број на малолетници кои завршувале на нашата Клиника поради акутна алкохолизираност. Искрено посакувам и би бил пресреќен ако оваа година бројот на пациенти во најлудата ноќ биде преполовен, иако лично сметам дека и покрај сите рестриктивни мерки, за жал ќе имаме повторно голем број на алкохолизирани лица. Како совесен граѓанин, како доктор и на крајот на краиштата како дежурен на 31.12. дозволете да ја искористам оваа прилика и да ги повикам граѓаните, а пред се младите на доследно почитување на сите препораки. Овие празници нека бидат поминати пред телевизор, со добра книга и со семејството“, го заврши разговорот нашиот соговорник.
Јорданчо Цветаноски