Токсикологија ги исфрли сите отрови на површина, анонимна директорка, скандалозни документи, неподобните мета на отстрел …

Дали сте свесни дека болните повеќе нема кој да ги лекува? Дали сте свесни дека речиси сите добри лекари ги наполнија приватните клиники, а пациентите ви умираат како пилци по болничките ходници...

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Клиниката за Токсиколиогија веќе неколку недели е во центарот на вниманието поради сите скандали и неправди, кои се случуваат во болницата и врз дел од вработените. Таа е само една во низата клиники, која во моментот се соочува со безредие, напад врз стручњаците, неспособни кадри, партиски вработувања…

Но, за среќа, лекарите и медицинскиот персонал овој пат не ќутеа. Се кренаа на нозе и на јавноста и соопштија колку е алармантна состојбата во болницата. Во периодот од 2017 година наваму, поточно од владеењето на СДСМ и нивните коалициски партнери, на скопската Клиника за токсикологија се сменија дури пет медицински директори. Како што ќе се одиграше политичкиот пазар, така на директорската фотелја седнуваше нов директор.

Години наназад проблемите се криеја под тепих и се чуваа зад ѕидовите на клиниката. Но, наеднаш „пукна“, а чашата ја прели доаѓањето на новата економска директорка Бесија Иљази. Таа на директорското столче седна пред само три месеци, но за толку кратко време успеа да направи целосен потоп на клиниката. Анонимен лик, надмена, организациска директорка, која уста не отвора на македонски, не комуницира со лекарите и медицинскиот персонал, па дури ги понижи и новинарите, кога на средбата со нив зборуваше само на албански јазик. Се на се катастрофа.

Таа ја презема функцијата баш во моментот кога на министерското столче седнува Илир Демири, откако претходно „пукна“ тиквата меѓу Арбен Таравари и Зијадин Села. Поточно, таа е негов човек и тој лично ја донесе на оваа позиција, но со тоа си донесе и многу негативни поени на свој грб, посебно кога на официјалната страница на министерството за здравство беше објавен документ, во кој слободно можеме да кажеме дека беше исплукан доктор Нико Беќаровски, еден од професорите, кој без никаков страв и се спротистави на тоталната анархија што се случува на клиниката.

Вработените преку писмо реагираат дека таа била поставена на оваа функција, иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори и оттогаш се случува деорганизација наместо организација. Тие уште додаваат дека со нејзиното доаѓање на клиниката, таа за овие три месеци го зголемила долгот за два милиони денари и не потпишува клучни документи, кои се неопходни за работа на болницата.

Тоа што фрапираше е како таков скандалозен документ полн со гадости, но со зелено светло на министерот се дозволи да се објави  на страната на ресорното министерство. На него се потпишани демек тие 11 лица, кои не сакале да ги примаат, а инаку тоа што е најстрашно е што тие работеле на црно со пациенти и давале здравствени услуги, за кои немале соодветно образование, за што потврди и Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Но, тоа никој не го интересира. Битно е да се заштити фамозната директорка, која ништо не работи, но за проблеми е прва.

Која е всушност анонимната директорка и под чија заштита е, па таа единствено остана на функцијата, додека тој што им боде очи, медицинскиот директор Даниел Петров беше разрешен. Како тоа министерот за него процени дека не си ја врши работата како што треба, а организациската директорка, која не мрда со прст, никој не знае какво образование има и оди со татко и на работа е соодветна за позицијата на која очигледно само фигурира на хартија.

Сепак, работата не застана тука, па вработените се спротиставија на одлуката на ресорниот министер Демири. И како што веќе погоре напишав, таа клиника е само една во низата, но која е поенатата да се избркаат од јавното здравство и оние малку стручњаци кои останаа.

Дали сте свесни дека болните повеќе нема кој да ги лекува? Дали сте свесни дека речиси сите добри лекари ги наполнија приватните клиники, а  пациентите ви умираат како пилци по болничките ходници.

Дај еднаш засекогаш ставете крај на партиските вработувања барем во најосетливиот сектор – здравството. Ако веќе битката е само за фотељите, тогаш барем задржете ги добрите кадри. Умираат луѓе на секој чекор. Жална Македонијо, до кое дереџе стигна.

 

 

Поврзани новости