Тој ден многупати се слушнав со директорот на БЈБ за убиството за Нешковски и после апсењето на Бошкоски, рече сведок во „Тортура“

by Fokus

Начинот на постапување на единицата „Алфа” на 6 јуни 2011 година беше редовен начин на ангажирање на единицата, кажа Апостол Стојановски, своевремено началник на СВР Скопје, на денешното судење за случајот „Тортура”.

На прашање од одбраната, сведокот потврди дека единицата „Алфа” била формирана 2005 година.

– Мислам, бидејќи јас работев во одделот за организиран и знам зошто беше формирана таа единица и таа делуваше на подрачје на град Скопје со цел да се сузбие уличниот и насилниот криминал кој беше во пораст, кажа сведокот.

Дополни дека по неговото доаѓање и назначување за началник, истата продолжила да функционира, иако била формирана со наредба на претходниот директор.

– Командантот што ја раководеше единицата беше член на мојот колегиум и секое утро во 10 часот беше должен да дојде кај мене на работа, на состанок, на целиот колегиум со моите помошници со цел да се договараме за активности кои ќе ги преземеме и да се информираме за што било и за што ќе се работи, кажа сведокот.

Сведокот, понатаму, беше прашан дали на 6 јуни 2011 година, поради потребите од друг сектор на МВР, од негова страна било побарано да се ангажира единицата „Алфи”.

– Се сеќавам на тој ден. Кога би бил редовен, не би се сетил: Тој ден се случија два настани кои што и до ден денеска се актуелни, после изборите очекувавме мирен ден да имаме, да се одмориме со оглед на тоа што последните десет дена бевме на работа во припрема на активностите на СВР Скопје. Утрото подоцна отидов на работа, се сеќавам, но, уште утрото како началник на СВР Скопје почнаа телефоните да ми ѕвонат и отидов на работа. Утрото се сеќавам прво што ме информираа, беше дојде помошникот на крим полиција и ме информираше дека имало починато лице ноќта и телото било дадено на обдукција и по завршувањето на обдукцијата ќе знаеме што е причината, евоцираше сведокот.

Дополни дека бидејќи имал многу јавувања тој ден му се јавиле и од одделот за организиран криминал.

– Мислам дека по телефон го повикав командантот на алфите Ивица Анчевски, дали дојде во канцеларија, не можам да се сетам, но, му соопштив да оди во одделот за организиран криминал и да се јави во секторот за економски криминал да види што бараат, кажа сведокот.

На прашање дали му било познато за која потреба ѝ беше единицата „Алфа” на Секторот за организиран криминал тој одговори дека не му било познато и дека никогаш кога му се јавувале за да им дадат поддршка не ги прашувале и не ги интересирало за што.

Прашан дали по завршување на ангажманот на единицата „Алфи” за таа акција, тој како началник на СВР добил некакви поплаки или претставки, тој одговори дека единствено телефонски бил известен од тогашниот командант дека постапиле со одделот за организиран криминал и бил лишен од слобода Љубе Бошкоски.

– Никој подоцна не ме извести дека имало нечовечко постапување од страна на полициски службеници, ниту пак имал некој обврска да ме извести од вработените со оглед да тие факти, лишениот од слобода или неговиот адвокат ги наведуваат во записникот за лишување на лице од слобода како и адвокатот и лишеното лице го потпишуваат, оттука тој записник оди кај истражниот судија и ако пред него изјават дека имале незаконско постапување на постапката пред полиција, знам дека тој го цени тоа и носи решение дали имало или немало таква работа, кажа сведокот.

Со што, повтори дека на никој начин не бил известен дека имало нечовечко постапување или употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници.

Кон испрашување на овој сведок пристапи и обвинителот кој го праша сведокот дали по акцијата му бил доставен каков било писмен акт во врска со акцијата, на што сведокот одговори негативно.

– За таа акција и во стотина акции организирани од Одделот за организиран криминал, никогаш не ми бил доставен допис ниту претходно ниту отпосле, секогаш одело усно и тие си постапуваат по сопствен план, образложи сведокот.

На прашања од судијата сведокот одговори дека со единицата „Алфи” најчесто контактирал со командантот и заменикот, а на прашањето дали имал, своевремено, непосреден контакт како началник со некој друг од присутните лица во судница, помеѓу кои беа обвинетиот Сашо Мијалков и обвинетите припадници на единицата „Алфа”, по некаква хиерархиска подреденост, во врска со настанот, сведокот одговори дека немал.

Додека, на прашањето дали имал контакт со директорот на БЈБ, Љупчо Тодоровски тој одговори дека имал.

– Тој ден многу пати се слушнав со него како во однос на убиството за Нешковски како и после апсењето на Бошкоски, изјави сведокот.

Поврзани новости