Тодоров во одбрана на Филипче, и тој поднел усмена оставка по смртта на Тамара

by fokus

Најдолно е и тотално неприфатливо за мене, било кој, за било која цел да им претставува на роднините на загинатите дека токму тој, актуелниот министер за здравство е директниот виновник за смртта на нивните најмили. По мене тоа е погрешно и надвор од секоја морална граница, пишува во колумна за Дојче Веле поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров за барањата на оставка на Венко Филипче по трагедијата во Тетово.

-Убеден сум дека не треба било кој, туѓата несреќа, политички да ја капитализира и да печали на нечија трагедија или нечија смрт. Тоа е одвратно, примитивно и нечовечки, пишува Тодоров.

Трагедијата во Тетово и барањата за оставка од Филипче, Тодоров го споредува со тоа што му се случи него додека беше министер, кога дедото на малата Тамара пукаше во него пред Министерството гневен за смртта на својата внука.

-Уште некаде одекнува крикот на жената пред децата кога ја прочитала веста дека е пукано врз министерот за здравство и дека човек лежи пред министерството, без никаква дополнителна информација. Жив ли е или не! Или солзите и стисокот на мајката кога синот се врати жив дома и привидно ненасолзените очи на таткото. Вџашеноста на другарите и соседите. Не може да се заборави ниту болката и тагата за прерано згаснатиот недолжен млад детски живот, која е поголема од сето ова што претходно го опишав. Е затоа, едвај и со неволност зборувам за оваа тема, затоа што сум против на народот да му се сервира крв во замена за политичка корист. Се водам од универзалната мудрост на која не научил големиот Конфучие, која вели: Не прави му го на другиот тоа што не сакаш тебе да ти го прават., пишува Тодоров.

Според него, Филипче, иако малку задоцнето, го направил тоа што тој го пропуштил.

-Тој понуди писмена оставка до премиерот. Јас поднесов усмена оставка до премиерот Груевски веднаш, неполн час по објавувањето на лошата вест дека еден недолжен млад живот згаснал, но не ја информирав јавноста за тоа. Затоа тоа како да не се важи, и затоа до ден денес ме притиска и ме мачи тоа што не бев доволно истраен на одлуката која интимно и длабоко во себе ја донесов уште во првиот момент. Дали премиерот Груевски ќе ми ја прифатеше или не, е друга работа, исто како што е работа на премиерот Заев дали ќе му ја прифати оставката на Венко Филипче или не, и дали Венко Филипче ќе сака да остане на најтешката позиција во државава- министер за здравство, се вели во колумната на Тодоров.

Поврзани новости