Преку проектот „Мој термин“, кој стартуваше пред скоро пет години, во 2012 година, министерството за здравство има пристап до дијагнозите на сите пациенти, алармираат дел од матичните лекари, кои секојдневно по завршувањето на работниот ден ги испраќаат податоците од сите пациенти, кои во текот на денот биле на преглед кај нив.
Проектот „Мој термин“ функционира во сите болници поврзан преку централизиран онлајн-систем, кој води директно во Управата за електронско здравство, која е сместена во Министерството за здравство, а со која управува директорот Милан Аризанковски. Тој е задолжен за делот со електронското закажување термини за пациентите, а увид во сите здравствени картони нормално има и ресорниот министер Тодоров.
Сите матични лекари и специјалисти преку своите компјутери во ординациите и болниците се поврзани со системот и секој ден, по завршувањето на работното време, сите податоци ги препраќаат на увид во ресорното Министерство. Меѓу податоците се листата на пациентите што ги прегледале во текот на денот, дијагнозата што им ја поставиле, рецептите што им ги пропишале, терапијата, упатите за понатамошни медицински испитувања кај лекар-специјалист, кардиолог, инфектолог, психијатар…
На тој начин, Министерството за здравство, Тодоров и неговите административци редовно имаат увид во здравствените картони и дијагнози на болните, па ако имаат потреба да проверат нечие медицинско досие, да дознаат од што боледува пациентот, какви лекови прима и на какви се испитувања треба да оди, тоа го решаваат со само еден клик на компјутерот, по што се отвора целата медицинска историја со сите лични податоци.
„Фокус“ поразговара со неколкумина лекари на темата, кои тврдат дека најстрашно од овој проект е тоа што болните немаат право на никаква интимност и заштита на личните податоци.
– Порано и пациентите и ние бевме мирни, а сега е катастрофа. Ова е тотално промашен проект. Од Министерството имаат увид во приватниот живот на секој пациент, поточно, имаат увид во сѐ, да видат како прегледувам, кои пациенти денеска поминале низ мојата ординација, можат да видат што сѐ сум сработила и каква дијагноза сум поставила. Еве, мене како лекар, а и многу мои колеги ги интересира кои се тие луѓе од ресорното Министерство што имаат увид во интимниот живот на пациентите – вели матична лекарка, која сакаше да остане анонимна, плашејќи се да не се соочи со нови инспекции, што често и се случува.
Неколку прашања на оваа тема испративме и до Министерството за здравство за да ни одговорат дали е дозволено да имаат увид во досиејата на сите пациенти и дали сметаат дека на тој начин не го прекршуваат правото на заштита на личните податоци? Но, како и по традиција досега, од таму не добивме одговори на нашите прашања.
Ирена МУЛАЧКА