Никола Тодоров, поранешниот министер за здравство од ВМРО ДПМНЕ, вчера свечено ја отвори својата адвокатска канцеларија, сместена во Капиштец.
Во друштво на својот брат Мартин, со синовите и пријатели, тој вчера позираше за време на свеченото отворање, со чаша бело вино во рака. Со средена фризура, во бела кошула и црно сако, со вратоврска со модерна шнола, насмеан, Тодоров очигледно е дека продолжува со животот оставајќи ги зад себе сите настани кои што ги доживеа во здравството и политиката, свртувајќи нов лист, како адвокат. Зад него, во кадар, убаво уредена канцеларија, со статуетка од воин на коњ, во коментари од пријателите, желби за среќа и успех.
Каратист, правник, министер за образование од 2009 до 2011 година, а потоа министер за здравство, се до последниот ден од владеењето на ВМРО ДПМНЕ. Човек кој со само 27 години влезе во политиката, Никола сепак ќе остане запаметен помеѓу народот како министер за смрт, поради многуте смртни случаеви во времето на неговото функционирање на чело на министерството. Смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес која почина чекајќи лекарски потпис, аферата со тендерот за дигитални апарати и рендген од еден милион евра, што го доби мајката на новинарката Ивона Талеска, болници кои што изгледаат како мачилишта од минатите векови, голема смртност на новороденчиња, незадоволни пациенти и лошите болнички услови останаа како потсетник за неговото владеење во здравствениот сектор.
Уште во мај годинава, откако беше избран за пратеник изјави дека се повлекува од пратеничкото место, со цел да се посвети на својата професија и да отвори своја адвокатска канцеларија. По само околу пет месеци, успеа да си го оствари сонот и ја отвори канцеларијата.