Екс министерот за здравство, Никола Тодоров, со фејсбук статус му се обрати на претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, од кого бара да го ислуша пред да ја донесе одлуката за негово исклучување. Тодоров го почнува писмото со латинските зборови „Audiatur et altera pars“, што во превод значат „слушни ја другата страна“.
ВМРО, вели тој, е демократска дартија за македонско национално единство, и како демократска партија, вели, има право да го каже својот став, а партијата, додава, има должност да го ислуша.
„Имате обврска да ме ислушате, да ми ги предочите вашите факти и докази, но и да ги слушнете мојте. Ова е темелно начело на правдата и еднаквоста и немате никакво право да ми го ускратите тоа.
Затоа барам да ме повикате на состанокот на ОК, да ми ги презентирате фактите и доказите против мене, да ги слушнете мојте аргументи, и потоа да ја донесете одлуката.
Да те потсетам Тони, и во социјализмот/комунизмот постоеше и се применуваше ова правило во сите случаи освен кога стануваше збор за политички ликвидации и политички монтирани случаи. ВМРО се бореше против тоа и за жал и самото беше жртва на таквите политички ликвидации и конструкции.
Лошо и недозволиво е што и денес, во слободна, суверена, самостојна и демократска Македонија треба да се бориме против истото. Но не е тешко, ништо не е тешко кога се бориш за татковината, ќе се изборам.
Во очекување на позитивен одговор,
Те поздравувам
П.С. Го барам ова јавно, бидејќи се чуствувам слободен и бескрајно верувам во демократските принципи на кои се темели мојата партија.“