По три недели чекање, матичните лекари денеска ќе седнат на заедничка маса со министерот за здравство Никола Тодоров, откако пред два дена најавија дека во петок ќе излезат на тричасовен штрајк. За 14 и 30 часот се најавени преговорите меѓу првиот човек во здравството и четворицата преставници на Здружението на приватни лекари.
– Денеска ќе имаме средба со министерот и во зависност од тоа како ќе завршат преговорите, ќе одлучиме дали во петок ќе има протест или не. Ние баравме средба, но откако три недели никој не нѐ повика, немавме друг избор, освен да излеземе на протест. Нашите барања се јасни и како такви ќе му ги пренесеме на министерот. Сметаме дека проблемите можат да се решат само со дијалог на заедничка маса – истакна доктор Лилјана Чолакова – Дервишова, претседател на Здружението.
Матичните лекари бараат фиксни плати од 40.000 илјади денари за лекар и 20.000 денари за медицинска сестра, зголемување на надоместокот(капитацијата) по пациент, како и воведување на партиципација, и решавање на суштинските проблеми со префрлањето на пациентите кога еден од двајцата лекари ќе ја напушти ординацијата.