Тодороска за Фокус: Дојде време за разбивање на бипартитното општество и крај на озаконетите криминали

by Frosina Fakova

Политичката партија „Демократи“ како релативно нова партија, за прв пат на овие избори поднесе кандидатска листа за пратеници. Носител на листата во првата Изборна единица е Катерина Тодороска, Доктор по историски науки во Институт за национална историја при УКИМ. Таа во мини-интервју за неделникот „Фокус“ објаснува дека партијата е формирана како граѓански концепт од лица кои не биле активни на политичката сцена. Според нејзе, Изборниот законик е криминален и „ги фаворизира двете големи партии и нивните приврзоци“, а нивната цел е разбивање на бипартитното опшество

ФОКУС: Кога е формирана партијата „Демократи“ и што им нуди на гласачите за разлика од другите партии, особено двете големи партии од македонскиот блок?

ТОДОРОСКА: Политичката партија „Демократи“ е формирана на 11 август 2018 година, како граѓански концепт. За разлика од другите нови партии, чии основачи се лица со извесно политичко искуство, партијата „Демократи“ е формирана од лица кои до сега не биле активни партиципиенти на македонската политичка сцена. Двете т.н. „големи партии“ досега имаа приврзоци во „помалите“ партии, со што го загушија просторот со бипартитност, која пак штедро ја користат со години. Ние се залагаме за итно спроведување на попис на населението и сѐ што повлекува таа статистичка операција. Врз основа на резултатите од пописот „Демократи“, заедно со професионалци во неколку области, треба да почнат со реализација на програмските определби на Партијата. Накусо тоа се: намалување на ДДВ, ставање во функција на напуштените објекти низ државава со отворање на работни места, организирано земјоделско производство врз основа на побарувачка (домашна и надворешна), постапка за враќање на Државниот архив во неговата стара зграда, коренити измени во наставните планови и програми за основно и средно образование, започнување на постапки за изградба на неколку клинички болници во поголемите градови низ Македонија со што ќе дсе намали времето за пренос на пациенти до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје итн.

ФОКУС: Која е Вашата целна група и колку пратенички места очекувате да освоите?

ТОДОРОСКА: „Демократи“ немаат целна група. Ние се обраќаме до македонските граѓани кои сакаат македонската држава да стане функционална и одговорна пред нив. Функционална држава не значи само подобро образование, судство, здравство. Функционална држава е исто така, скратување на долготрајните постапки за легализација на објекти, внесување во катастарска евиденција, плаќање на реални даноци на имот, јавно објавување на сите скриени давачки кои го намалуваат домашниот буџет на граѓаните итн.

ФОКУС: Дали Изборниот законик им дава еднакви можности на партиите?

ТОДОРОСКА: „Демократи“ во своите досегашни изјави и дописи до јавноста го изрази своето разочарување од начинот на кој се одвиваат изборите за народни пратеници во 2020 година. Причина за тоа е криминалниот Изборен законик, кој недозволиво ги фаворизира т.н. „големи партии“ и нивните приврзоци. Тој Изборен законик е срочен на начин за повторна криминална бипартитност во т.н. македонски блок на политичката сцена. Истата слика ја има и во т.н. „албански блок“. „Демократи“, како граѓанска опција, смета дека е дојдено време за разбивање на бипартитното општество и крај на озаконетите криминали во државава. Од таков агол гледано, очекуваме да се одржат барем достојни избори, а колку пратенички места ќе добиеме ќе одлучат македонските граѓани.

ФОКУС: Има ли можност за трета опција во Македонија и дали по изборите би коалицирале со некоја партија?

ТОДОРОСКА: Нашата работа како „Демократи“ е да ја презентираме нашата програма. Дали граѓаните ќе ги препознаат „Демократи“ или некоја друга партија како трета опција, тоа е избор на граѓаните. А во однос на прашањето за коалицирање со некоја партија после изборите, одговорот е во нашето формирање како самостоен политички субјект без потреба од нечие патронство. Одговорот е многу краток, НЕ.

Ф.Ф.С.

Целиот текст за тоа кои помали партии имаат поднесено кандидатски листи на овие парламентарни избори, што нудат и колку пратеници очекуваат да освојат прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк

Поврзани новости