Во петок, на ревијалниот меч помеѓу ,,Работнички,, и ,,Фенербахче,, Тодор Гечевски, еден од нашите најдобри кошаркари, ќе се збогува со активното играње кошарка. Тој ќе го одигра својот проштален меч на натпреварот, кој што ќе одбележи и 70 години постоење на КК Работнички.
,,Веќе дваесет години активно бев дел од кошарката, но и по прошталниот натпревар, јас сепак останувам во мојата сфера, бидејќи сум координатор на младинските школи во ,,Работнички,,. Се трудам на младите секојдневно да им го пренесам моето знаење и искуство, има голема разлика од тоа да се игра активно и да се работи како координатор, но се надевам дека и на овој начин ќе придонесам доволно кога е кошарката во прашање,, – ни изјави кавадарчанецот, кој што својата кариера ја започна во 1995 година во КК Тиквеш. Има играно и во дресовите на ,,Работнички,, ,,Николферт,, ,,МЗТ Аеродром,, ,,Задар,, – Хрватска, ,,Хаген,, – Германија, ,,ПАОК,, – Грција и ,,Ер Авелино ,, – Италија.
На нашето прашање дали како личност која што доста придонела за кошарката во Македонија, по сите овие години е задоволен од тоа што државата го прави за истакнатите спортисти, тој вели – ,,Не зборам за политика, ниту за било какви теми кои што можат да се поврзат со политиката. Јас сум спортист, никогаш не сум давал бомбастични изјави ниту за мојот приватен живот, ниту пак за теми надвор од кошарката. Категорично велам дека немам коментар за прашања од овој вид и тоа ќе остане така и во иднина!,,
Тој беше прогласен за најдобар македонски интернационалец во 2005, 2006 и 2007 година. Исто така, беше дел и од селекцијата која што во 2011 година на Евро Баскет во Литванија го освои четвртото место за Македонија. Беше дел од македонската репрезентација, и кога минатата година најави дека се пензионира како кошаркар и станува координатор на младинските школи, се шпекулираше дека тоа е само привремена одлука, и како талентираниот Гечевски повторно ќе заигра активно во КК Работнички. Сепак, Тодор ни потврди дека дефинитивно ставил крај на активното играње кошарка.
На ревијаниот меч, кој што ќе се одигра во Вип арената ,,Борис Трајковски,, многубројната публика ќе има можност да ужива во играта на Гечевски, Перо Антиќ, Владо Илиевски и други.
Вики Клинчарова