Историските и политичките услови во кои тие живееле и дејствувале се премногу различни за да се бара и наоѓа една единствена и заедничка константа во нивната дејност. Единствената константа што ги поврзува е нивната определеност и искрена или изглумена борба за политичка независност и самостојна држава на Македонија.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Без оглед на тоа дали или колку некому му се бендисува или не, ние, Македонците, како малоброен народ имаме обврска да го истражиме и определиме местото и улогата на секој наш деец во нашата историја.
Ова особено важи за градот Штип, со оглед на фактот дека во текот на дваесеттиот век од неговите пазуви произлегоа најмалку пет личности што оставија силен печат и неизбришливи траги врз поновата политичка историја на македонскиот народ.
Според временскиот редослед на нивното дејствување тоа се Тодор Александров (1881 – 1924), Ванчо Михајлов (1896 – 1990), Тодор Павлов (1890 – 1977), генерал Михаило Апостолски (1906 -1997) и Киро Глигоров (1917- 2000).
ЦРНИ ВРЕМИЊА
Историските и политичките услови во кои тие живееле и дејствувале се премногу различни за да се бара и наоѓа една единствена и заедничка константа во нивната дејност. Единствената константа што ги поврзува е нивната определеност и искрена или изглумена борба за политичка независност и самостојна држава на Македонија.
Во тој поглед, освен Иван (Ванчо) Михајлов, неспорна е искрената преданост на останатите кон градењето на македонската национална самобитност и самостојна држава. Ванчо Михајлов (кој до убиството на Тодор Александров бил негов личен секретар) само, како и некои наши современици, ја препознал можноста со користење на идејата и кадровските потенцијали на Организацијата да го организира својот криминал заснован врз шверцување тутун и опиум.
Токму затоа, за да се разбере ликот и делото на Тодор Александров, пред сѐ, во однос на одделни контроверзии поврзани со тактички активности во врска со тогашната бугарска држава, треба да се има предвид тешката и бесперспективната положба на македонскиот народ (а со самото тоа и на ВМРО) по погромите што следеле по поразот на Илинденското востание, Првата и Втората балканска војна и Првата светска војна.
Во тие пресудни петнаесетина години убиени се најголемиот дел од револуционерните дејци на Гоцевата ВМРО, а Македонија со Букурешкиот и Версајскиот договор е поделена меѓу Бугарија, Србија и Грција.
СЀ ЗА МАКЕДОНИЈА
Од тогашна, но и од денешна гледна точка, тоа се најцрните времиња во историјата на македонскиот народ во неговото целокупно живеење и опстојување на овие простори.
Токму затоа, големината на Тодор Александров е во тоа што во времето на тој целосен историски национален колапс успева да собере сила за да ја возобнови идејата и политичката способност на ВМРО и од неа да направи респектабилен политички фактор, кој станал интересен и за Коминтерната.
Тодор Александров е убиен во август 1924 година. Точно пред сто години. Со неговата смрт, ВМРО престанала да постои како самостојна, независна воена и политичка организација на Македонците. За жал, сето она што Тодор Александров успеал да го направи на политички план е компромитирано од страна на неговиот нелегален и нелегитимен, самонаречен наследник Ванчо Михајлов.
Добро е што современата македонска национална и политичка историографија направи барем почетни чекори за да го расветли делото на Тодор Александров, човекот кој во времето на најголемите национални поделби и црнила го одржа континуитетот на македонската национална борба. Тодор Александров е човекот кој сѐ што имаше, вклучувајќи го и сопствениот живот, ги даде за Македонија.