Ако Западот одлучи да остави на изборниот процес да си го каже своето, ќе се случи барем „вентилирање“ на политиката преку евентуална смена на нејзините носители по која следува добро познатата пресметка со политичките непријатели. На овие избори, ова особено се однесува на ДУИ.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Никогаш подобро од денес, сега откога го отфрливме францускиот предлог, не сум ја разбрал пораката од древната приказна за Пандора и кутијата полна со зла. Во насловот на еден од првите текстови што ги прочитав оваа година се спомнува надежта за нашата европска перспектива во новата 2024 година!
Така е тоа со луѓето што не умеат да „го фатат бикот за рогови“, туку само ламентираат врз својата судбина и живеат во надеж дека работите ќе се сменат самите од себе, без нивен напор.
По цена да се повторам, ќе кажам дека малкумина кај нас ја знаат изворната приказна за кутијата што ја отворила Пандора од која ги пуштила на слобода сите зла на овој свет, освен едно – надежта. Надежта!?
Надежта останала во кутијата зашто таа е извор на човековата пасивност и не го мотивира да се зафати со тешки предизвици.
Само што почнавме да ги одбројуваме деновите од новата 2024, и откога ја пропуштивме шансата да ги продолжиме преговорите со ЕУ, ете го зборот „надеж“ дека ќе ги продолжиме откога ќе го репреговараме францускиот предлог. Очигледно, нема живот без надеж.
Имено, кога видела колку е несреќно човештвото без надеж, Пандора, сепак, решила да го пушти и ова зло од кутијата.
Надежта дека во 2024 ќе отвориме нови преговори, кои сами ги прекинавме, нема основа во реалните факти на животот, туку во самата себе.
И додека размислував на темата „надеж“, со прстите на тастатурата, се појавува наслов на екранот :„Мицкоски: Ковачевски сака тајна средба за на неговите да им раскажува невистини за лажна надеж…“.
Лажна надеж за што? „За некакво единство…“ околу, претпоставувам, остварување на стратешката цел на државата – членство во ЕУ со идна поддршка од неговата парламентарна група.
Мислам дека претседателот на партијата на македонските националисти нема за што да се грижи.
БАЛКАНСКИ МЕТОД
На сите, дома и во светот, им е јасно дека такво единство е невозможно кај нас, дека нашите партии не прифаќаат да се менуваат себеси и македонското општество преку еден еволутивен процес, кој е производ на пристапните преговори, туку преку одмазднички пресметки по изборите.
Отфрлањето на европскиот и американскиот предлог е уште една најава за продолжување на таквата пракса во Македонија.
Со прекинување на преговорите влеговме во ќор-сокак, и во домашната, и во меѓународната политика.
Ако Западот се сојузи со СДСМ и со ДУИ, следува само повеќе од истата блокада без каква било промена, не само на меѓународен, туку и на домашен план.
Следствено на тоа, ако Западот одлучи да остави на изборниот процес да си го каже своето, ќе се случи барем „вентилирање“ на политиката преку евентуална смена на нејзините носители по која следува добропознатата пресметка со политичките непријатели.
На овие избори, ова особено се однесува на ДУИ, партија која е непрекинато на власт 20 години, во земја во која никој не треба да биде на власт повеќе од неколку месеци, кога тоа би било можно.
Се плашам дека сценариото „сите против ВМРО-ДПМНЕ“ не е во игра веќе и дека на нашите сојузници им останува само уште, преку изборна смена, да се примени бруталниот балкански метод на проветрување на политичката сцена од корупција.
Паралелата што пред некоја година ја направив со италијанската комунистичка партија, која, иако најбројна, никогаш не стана дел од владата на Италија, веќе не важи.
Се чини дека сојузниците ќе остават проблемите да си ги решаваме преку демократскиот процес најдобро што знаеме, па така, иако отворено нѐ предупредија дека од лидер кој не кажува кој му е планот за ЕУ, тие не би купиле ни половен автомобил, нема да се мешаат во одлуката на народот.
Свесни се дека на ниту една страна не цветаат рози, кога се работи за демократијата и за корупцијата, како и дека на партијата на поранешните герилци им треба одмор од власта по 20 години.
НОВ ИНТЕРЕС НА СОЈУЗНИЦИТЕ
Странците се раководени од своите интереси. Имено, со решавање на нивниот главен интерес, македонската безбедносна дилема, преку членството на државата во НАТО, новиот интерес на сојузниците, а, пред сѐ на Америка, е повеќе насочен кон корупцијата и правната држава отколку кон прашањето за идентитетот на Гоце Делчев, кое може да почека на подобри времиња.
Се разбира, по автоматизам и државата ќе мора да почека со продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
Тука сме заглавени на подолг рок и никаква „надеж“ не ни помага. Сите последици, а тие може да бидат драматични, се на совест на денешната опозиција, потенцијалната идна власт.
Во интервјуто за „Пресс 24“, Христијан Мицкоски, во име на својата партија, најавува „подобри времиња за Македонија, каде што со сопствени сили ќе изградиме иднина каква што секој еден човек заслужува“.
Она што не ѝ успеа на ниту една земја од Источна Европа, треба ли да ги набројувам сите, ќе ѝ успее на РС Македонија.
Нашата држава со сопствени сили ќе се трансформира во европска демократија, економски просперитетна правна држава.
Дека е тоа можно, па и посакувано, беше ставот на опозициските политичари, новинари и претставници на невладини организации, кои, на бројните обиди на сојузниците да ги одоброволат некако за да го смениме Уставот, им покажаа среден прст.
Ќе треба да поминат години пред да разберат каква ужасна работа направиле и да го стават прстот на чело и да размислат.
Да ги направевме уставните промени и да тргневме во реформи преку процесот на преговори за членство, ЕУ и САД ќе го поддржеа овој процес на еволуција.
Низ таа еволуција, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, под европски надзор и со европска и американска помош, ќе градеа демократски систем на „пречки и рамнотежи“, како заштитен механизам на општеството од узурпација на моќта и корупцијата од страна на партиите.
Сега, откако тоа не се оствари, останува само балканскиот метод за проветрување на политичката сцена – жестока пресметка со непријателите. Следува нова рунда пресметки од кои би можело, во некоја иднина, да се роди пристојното општество.
Општество управувано од закони, а не од поединци.