Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски најавува дека ќе иницира итно расчитување на теренот во поранешната фабрика „Треска“.
Тој во изјава за медиумите соопшти дека веќе разговарал со вработените во општината за да се испита какви материјали има на тој терен и колку тие се штетни за граѓаните.
– Мојата информација е дека во „Треска“ има 35.000 до 40.000 метри квадаратни азбестен кров. Во вчерашниот пожар беше зафатен и кровот, а и денеска сѐ уште паѓаат азбестните плочи. Искрено, јас после долго време, вчера првпат влегов и тоа што го видов можеме да го споредиме со Чернобил. Значи многу шут, азбестни кровови, жителите споделуваа дека таму има и животни и глувци големи како мачки, затоа моја препорака е дека земјиштето побрзо треба да се расчисти, рече Герасимовски.
Во Општина Центар досега има пристигнато 28 барања за отстранување на објекти, но за начинот за нивно отстранување, градоначалникот најавува дека ќе побара и институционална помош.
– Самите сопственици ќе треба да ги отстранат објектите, но ќе направиме увид какви материјали има и колку се штетни, по што ќе дадеме насоки на кој начин тоа треба да се направи. Нема да дозволиме да има недозволено вадење на штетните материјали од „Треска“, изјави Герасимовски.
Тој не сакаше да ги коментира информациите за наводно подметнување на вчерашниот пожар. Според него, сѐ уште не е направен увид поради небезбедност на теренот. А во однос на изјавите од жителите дека во поранешната фабрика секојдневно се краде бакар и железо кои потоа се палат, Герасимовски вели дека истрагата ќе покаже дали е тоа вистина.
Во однос на новите градби во „Треска“, Герасимовски рече дека како општина не можат да ги сопрат, но дека тие мора да бидат во согласност со јавниот интерес на граѓаните.
– Ние никогаш не рековме дека нема да се гради, туку мора да се најде подобар начин како да изгледа просторот. Имаме важечки ДУП по кој мора да се постапува, идејното решение не е идеално, но ние мора да постапуваме по моменталниот ДУП и сето тоа не зависи од мене, туку од законите кои мораме да ги почитуваме, рече Герасимовски.