Шест дена по угинувањето на пет берберски овци во Скопје ЗОО, јавноста дури денес дозна за случката. Од јавната установа за „Фокус“ го потврдија настанот, за кој според првичните сознанија велат дека се сомневаат дека животните се отруле од гранки на зимзеленото растение Свето Дрво, познато и како Тиса, бидејќи остатоци од гранките биле пронајдени во нивното живеалиште.
Сепак, за официјална потврда за причината за угинувањето на берберските овци, се чекаат резултатите од обдукцијата.
Ова растение е познато како исклучително отровно бидејќи содржи алкалоиден таксин, и се препорачува да се чува подалеку од дофат на деца и миленици, но од зоолошката велат дека со години наназад го имале на повеќе локации, и никогаш порано не се случил ваков настан.
Негираат дека животните биле недоволно ухранети, па поради тоа можеби евентуално посегнале по отровните гранки.
Околу настанот кој ја вознемири јавноста, а е уште еден во низата на зачестено угинување на животни во јавната установа изминативе три години, „Фокус“ разговараше со Ѓорги Галетановски, поранешен директор на зоолошката која во време на неговиот мандат бележеше значителна модернизација и подобрување на животните услови на станарите на градината.
Тој вели дека е затекнат од веста дека берберските овци се отруле од Свето дрво, и бара да се запре со шпекулации се додека Агенцијата за храна и ветеринарство не си ја заврши работата и не излезе со официјални податоци за немилиот настан.
– Првин, ако постои такво фатално отровно растение, и во моите три години мандат не дај Боже ќе угинеа животни!
Како второ, во Зоолошката градина има човек со работно место биолог и тој ги знае и контролира растенијата во ЗОО, како и квалитетот на храната! Доколку знаеле дека има на дофат такво отровно растение, ќе го отстраниле со време за да се превенираат вакви настани.
Така да, сето ова кое сега се пласира во јавност од страна на институцијата, тоа се приказни за мали деца, тврди Галетановски и додава дека според негови сознанија угинале дури седум животни.
Од ЗОО Скопје за „Фокус“ на прашањето зошто се чекало да поминат шест дена од угинувањето на животните, пред јавноста да биде информирана за случајот, велат дека тие веднаш, уште првиот ден испратиле известување до Град Скопје за настанот. Со тоа, најверојатно процениле дека нивната обврска за транспарентност кон јавноста завршила.
Галетановски вели дека тој исто така во голема мера има замерки на нетранспарентноста на институцијата, и сметал дека директорот на зоолошката, Зоран Попов, треба да ја информира јавноста за сите случувања.
– Јас им замерувам што повторно не се транспарентни, односно директорот е тој што треба да е транспарентен, и не му треба никаква дозвола од Град Скопје за да информира јавност. Но, веќе му стана пракса градот да му биде изговор, а јас лично не знам ниту дали тој оди на работа!
Да не шпекулираме додека АХВ не си ја заврши работата! Тоа лесно се докажува, како и дали животните се отруле! Тие животни се хранат со сено набавено на тендер, и не знам зошто би јаделе отровни дрва!
Надлежните можат да почнат со проверка на мониторинг камерите, беа нови и јас ги ставив за време на мојот мандат, порача Галетановски.
Како потсетување, во градината исто така имаше случај на труење, кога во 2023 година угинаа три Пржевалски коњи, редок и загрозен вид. И тогаш од зоолошката првин се молчеше за случајот и не се одговараше на новинарски повици и пораки, под образложение дека се чекаат резултати од обдукцијата.
Истите покажаа дека коњите биле отруени со разорен отров, а камерите во близина на нивното живеалиште биле расипани и не снимале.
До денес не се откри кој ги откри Пржевалските коњи.
Вики Клинчарова