Постојат точки на поклопување на мислењата и позитивна клима, но клуч за конечен договор останува комбинацијата од постепена примена на ерга омнес со промена на Уставот, пишува весникот „То Вима“ во анализата за маратонските разговори на Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Во написот се наведува дека веќе треба да се смета за сигурно забрзувањето на разговорите, но и променетиот состав на инволвираните страни, бидејќи од ниво на преговарачи, преговорите сега се водат на ниво на министри за надворешни работи.
„Во јадрото на разговорите се наоѓа Меѓународниот договор што ќе ја замени Времената спогодба од 1995 и ќе стане основен столб на идните односи меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија. Од оваа гледна точка, името што на крај ќе се одбере не е самото по себе „големиот трн“, барем за Атина“, пишува „То Вима“.
Авторот на текстот анализира дека предлозите на Нимиц со временска одредница веќе не се на преговарачката маса. По „Република Македонија (Скопје)“, што беше отфрлено од грчката страна, сега се чини дека и „Република Нова Македонија“, според „То Вима“, е името за кое не се разговара.
„Клучна точка останува комбинацијата на постепена примена на ерга омнес со промените во скопскиот Устав, што ги бара грчката страна. Не е јасно колкав напредок е постигнат во оваа точка, но од постоечките информации, Атина не е негативно настроена во однос на тоа да му даде „грејс период“ на Скопје за да го смени внатрешното име. Нормално, ќе треба да се договори точната формула според која ова ќе се направи, но и временскиот периодот (на пр. 1 година)“, стои во текстот.