По денешните негодувања на седницата во Собранието, од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот претседател на Собранието и лидер на НСДП, Тито Петковски, смета има две причини зошто опозициската ВМРО-ДПМНЕ не презема иницијатива за формирање пратеничка група.
„Да можат во секое време да прават опструкција на работата на Собранието со процедурални прашања, што се решава со тоа што лесно може да се промени Деловникот и во таа насока да се направи Собранието поефикасно“, објаснува Петковски.
Но, тој мисли дека втората причина е посериозна. Според него, дефинитивно во ВМРО-ДПМНЕ е почната внатрешната ерозија.
Тој вели дека барем пред јавноста тие ја потценуваат иницијативата на, како што вели, одговорни луѓе кои што биле на функција во партијата, а кои веќе прават сериозна фракција и претпоставува дека тешко може да се договорат сите пратеници да бидат во една пратеничка група.
„Дефинитивно тој процес на внатрешно распаѓање на ВМРО-ДПМНЕ внатре е започнат. Тоа го прикриваат или го правдаат со можноста да прават опструкција. Која е таа опозиција која наместо да биде принципиелна и жестока, конструктивна во Собранието, ќе се позиционира на почетокот на самиот пат да прави опструкции? Тоа не ми е прифатливо и разбирливо“, изјави Петковски.
Според Петковски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема уште долго да ја толерира таа нивна игра.