Опозицискиот НСДП, со цел нормализација на политичката состојба, предлага оставка на владата и на претседателот на државата, формирање на преодна влада со јасно утврден мандат да организира нови избори, откако ќе се одвои партијата од државата, ќе се обезбеди рамноправен пристап на сите политички актери до медиумите и ќе се спроведе попис на населението.
„Преку авторитарниот модел на владеење што го практикува власта составена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, практично се оневозможува било каква контрола врз неа, ниту пак постојат можности преку демократски избори таа да биде променета, што кај опозицијата создава чувство на дискриминација како политичко малцинство во земјата. Нема еднаков пристап до правдата, до медиумите, пристап до било каков ресурс со кој располага владата, од работни места до можноста за бизнис и напредување. Со ваквиот модел на владеење се загрозени практично уставно гарантираните човекови права и слободи, додатно приврзаниците на опозицијата се означени како предавници и непријатели на власта, но и на државата. Тие се фрлени на маргините од општеството, како граѓани од втор ред“, велат новите социјалдемократи.
Од партијата на Тито Петковски сметаат дека опозицијата треба да има право да предлага јавен обвинител, прв човек на антикорупционерите и главен ревизор.