„Титаник 3“ продолжува на 25 октомври со сослушување нови сведоци

by Fokus

Разлики во бројките од записниците и дополнителните преправки во нив, биле дел од причините заради кои, според дел од денешните сведоци во предметот „Титаник 3“, е повторено гласањето на неколку Избирачки места за Локалните избори 2013 година во Општина Чаир.

Во кривичниот суд за предметот на Специјалното јавно обвинителство во кое се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година „уништувале изборен материјал“. Беа сослушани пет сведоци. Сведоците, предложени од СЈО во периодот на локалните избори од 2013 година биле членови или претседатели на Избирачки одбори во неколку Избирачки места во Општина Чаир.

На прашање на обвинителот Љубомир Лапе, претседателката на Избирачко место 2889 во Чаир Нуран Лимани рече дека од изборниот процес се сеќава само дека постара жена која гласала на денот на локалните избори во избирачкиот список се потпишала на погрешно место кое таа како претседател го поправила со потпис и печат. Сведокот додаде дека на крајот на изборниот процес со возило на нејзиниот свекор ги однела материјалите во Општина Чаир и дека немало никакви забелешки за текот на гласањето ниту за бројот на гласачите кој бил заведен во записникот кој бил предаден во општината. Лимани, на увид на записникот, кој и беше посочен од страна на обвинителот, го препозна и го потврди нејзиниот потпис, но во однос на преправките кои ги виде во судницата, рече дека кога таа го предала записникот немало никакви забелешки. Сведокот рече дека после неколку дена и се јавиле дека е разрешена од избирачкиот одбор и тоа без никакво образложение.

Членот на Избирачки одбор од ИМ 2928 Дафина Спировска, на прашање на Лапе рече дека го потпишала записникот од завршувањето на изборниот процес, кој се предава во Општинската изборна комисија и дека кога ја викнале на распит во СЈО увидела дека записникот за сумирање и утврдување на резултати од нејзиното избирачко место за избор на градоначалник на Општина Чаир, е преправен. Обвинителот рече дека поради технички грешки денеска не може да го посочи записникот кој таа го потишала.

Последниот сведок на денешното рочиште кој бил претседател на Избирачко место ОУ  „Иднина“ за кое не му текнуваше бројот на ИМ, Дритон Селмани, на прашање на СЈО рече дека изборниот процес поминал во најдобар ред и дека записниците ги доставиле во општина Чаир. Но, по два дена, како што рече, дознал дека неговото ИМ е поништено гласањето. Според него, причината за поништување била разликата во бројките на записникот и она што тој го проверил на компјутер. Селмани бил разрешен од претседател во изборачкиот одбор, но не добил решение на рака, туку само телефонски.

Рочиштето продолжува на 25 октомври со испрашување на останатите предложени сведоци.

Поврзани новости