Реагирајќи во врска со тензичната ситуација во северот на Косово официјална Тирана изразува загриженост и оценува дека дијалогот е поважен од кога било.
Министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, синоќа преку објава на Твитер изрази загриженост за случувањата на северот на Косово, притоа истакнувајќи дека ” напуштањето на институциите на Косово е чин на ескалација, во време кога е потребна соработка и конструктивен дијалог”.
„Загрижени од случувањата на северот на Косово. Повлекувањето од косовските институции е чин на ескалација, во време кога е потребна соработка и конструктивен дијалог. Ова не е моментот за откажување и бојкот. Ова е момент кога дијалогот е потребен повеќе од кога било“, напиша Џачка на Твитер.
Вчера телефонски разговор остварил претседателот Бајрам Бегај со неговата косовска колешка Вјоса Османи.
-И ја изразив мојата загриженост и истовремено го охрабрив продолжувањето на дијалогот меѓу страните, имајќи го предвид зачувувањето на мирот и стабилноста, како и територијалниот интегритет на Косово гарантиран од НАТО, напиша Бегај.
Тој нагласува дека “останува голем интересот за евроатлантските интеграции на Косово и на целиот регион на Западен Балкан”.