ТИР зоните конечно профункционираа, тројно се враќаат вложените државни пари

by Fokus

Пишува: Дејан Азески

После цела една деценија шпекулации државниот Завод за ревизија конечно направи детална контрола и изготви ревизорски извештај за работата на Технолошко-индустриските развојни зони. Резултатите недвосмислено покажуваат дека околу сто милиони евра вложени во инфраструктурата на зоните досега и околу 75 милиони евра државни субвенции (за последните пет години) носат назад повеќе од 25 милиони евра годишно, што значи дека според некоја груба математика – тројно се враќаат средствата вложени на годишно ниво.

Кога зборуваме за поврат се мисли пред се на повратот кој го имаат вработените по основ на плати и придонеси но и државата во вид на даноци со што се руши стереотипот дека компаниите од зоните не плаќаат ништо во државната каса.

ПРОМЕНАТА НА ДРЖАВНАТА СТРАТЕГИЈА ЈА ПРАВИ ГОЛЕМАТА РАЗЛИКА

Кога ќе го споменеме поимот развојни зони- прва асоцијација на нашите читатели секако се ниските плати. И веројатно ова е точна асоцијација бидејќи почетната просечна плата пред само десетина години таму беше околу 12.000 денари или 200 евра што е навистина поразително.

Ваквата статистика одеше рамо до рамо со убедувањето дека нашата држава е само суровинска база на евтина работна сила или дека некој се обедува од Македонија да направи Бангладеш среде Европа. Но, да бидеме докрај реални зборуваме за време кога текстилниот, па и градежниот сектор исплаќаше плати кои беа помали и од 6.000 денари така да зоните и во такви услови беа подобро платена дестинација за ниско или средно квалификуваната работна сила.

Големата промена настанува после 2017, а особено 2019 година кога дирекцијта за ТИРЗ од пасивна презема активна улога во преговорите со новите, но и стари инвеститори. Па така и покрај скептицизмот во јавноста и политичките кругови се изнаоѓаат начини да се мотивираат компаниите да исплаќаат што поголеми плати.

Така да денес, статистички просечната плата внатре во ТИРЗ е сериозно повисока од просечната плата на ниво на целата држава. И тоа зборуваме во сегментот на ниско и средно кваликфикувана работна сила. Што се однесува до инженерските и менаџерските позиции платите се многу повисоки од истите позиции надвор од зоните.

Втората голема промена е селекцијата на компании кои се мотивираат и стимулираат да дојдат во зоните. Ако во минатото 99% од нив беа од автомобилската индустрија и тоа од трудоинтензивните сегменти- сега во зоните имаме многу поширок спектар на компании и тоа со многу поголема додадена вредност на нивните производи. Ова само по себе создава одлични предуслови за поголеми плати.

И најважно од се не само што не е заминатата ниту една странска компанија (како што се претпоставуваше и најавуваше) туку напротив интересот е зголемен за инвестирање и реинвестирање како меѓу странските така и помеѓу домашните компании.

ДЕЛ ОД ГЛОБАЛНИТЕ ФАКТОРИ МОМЕНТАЛНО НИ ОДАТ ВО ПРИЛОГ

Без разлика што се наоѓаме среде најголемата светска (економско-политичка) криза во последните осум децении и што објективно ни се заканува привремено затварање на дел од производството поради реален недостаток на електрична енергија- можеме да издвоиме и неколку фактори кои ни одат во прилог како држава која сака да привлече нови инвестиции.

Прв ваков фактор секако е географската положба која од ден на ден станува се позначајна во време кога и физички се загрозени буквално сите линии на трговија со светот, а особено со Азија. За мултинационалните компании конечно стана јасно дека близината и безбедносната стабилност ќе се многу поважни во нареднава деценија од евтината работна сила. Така да ако се суди по оваа ставка реално е да очекуваме уште многу инвестиции по зоните- нормално ако се потрудиме да ги привлечеме соодветно.

Вториот фактор е мобилноста на работната сила која овозможува оние работници кои заминале од државава привремено, а не се снашле или не се најзадоволни во Западна Европа да можат лесно да се вратат и својата кариера да ја продолжат тука каде што имаат други предности, како обезбедено станбено прашање и потенцијални дополнителни приходи од неформална економија (особено по руралните средини).

Третиот фактор е членството во НАТО кое безбедносно ни дава подобра стартна позиција пред БиХ и Србија како најголеми конкурентни во регионот за привлекување големи странски компании. Ако анализираме подетално ќе видиме дека после првичните наши успеси со првите странски инвеститори (2008-2014), Србија се консолидира и ќе успее да ни земе голем дел од заинтересираните странски компании. Сега, конечно тој тренд повторно може да се менува во наша корист.

Поврзани новости