Земјите од Западен Балкан се составен дел од Европа и треба да се сметаат за сериозни партнери во европските прашања, истакна Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија „Соцетас Цивилис“, за време на отворањето на тинк-тенк форумот „Стимулирање на стратешка автономија.
-Иднината на ЕУ и Западен Балкан се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што се прашањата од животната средина, миграцијата и прашањата за безбедноста, мора да бидат решени заедно преку заеднички и унифициран пристап – рече Трошановски.
Штефан Лене, вонреден професор на Carnegie Europe во Брисел, осврнувајќи се на процесот на проширување, рече дека пристапот на ЕУ кон проширувањето почнало преку таканаречена антигеополитичка фаза, при што идејата беше да се зголеми сферата на интеграција на безбедноста преку врзување на економиите.
-И сето тоа се претвори во еден процес каде ЕУ глуми дека е отворена, а кандидатите глумат дека се реформираат и напредуваат. И тогаш стигнавме до кризната точка, односно блокирањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија минатата есен, и мислам дека сега сме дојдени до момент кога влегуваме во нова фаза на трансформирање на проширувањето во еден геополитички процес – рече Лене.
Според него, многу е тешко Советот на ЕУ да се договори околу одреден став поврзан со надворешната политика, но, како што вели, колку интеграцијата на ЕУ е подлабока, толку Унијата е поотпорна.
-Иднината на Западен Балкан во ЕУ зависи од тоа дали оваа втора центрипетална динамика ќе преовлада, бидејќи ако притисокот води кон повеќе поделби, тогаш идејата за идно проширување ќе биде тргнато од масата. Но, ако го погледнеме Западниот Балкан во поглед на општата позиција и изнаоѓањето на партнерства заради заштита на, како што се нарекува, европскиот начин на живот, тогаш мислам дека процесот ќе продолжи – заклучува професорот Лене.
На Форумот учествуваат претставници на тинк тенк заедницата, на граѓанското општество и академици од Западен Балкан и земјите од ЕУ, кои ќе дебатираат на теми од различни области и предизвици што произлегуваат од Берлинскиот процес.