Тинејџерката од сибирскиот град Чита – Љубов Лизунова (17) е осудена на 3,5 години затвор поради антивоени графити и објави на социјалните мрежи, соопшти денеска рускиот суд.
Ученичката била приведена заедно со Александар Снежков (19) и Владислав Вишневски (23) во октомври 2022 година, неколку месеци откако Русија ја нападна Украина.
Лизунова, која се опишува себеси како анархистка, тогаш имала 15 години, пишува „Москва тајмс“. Тие првично беа обвинети дека ја испишале фразата „Смрт за режимот!“ на вратата од гаражата, а подоцна и дека започнале канали против војната и правата на животните на апликацијата за пораки – Телеграм.
Лизунова и Снежков се вклучени во регистарот на терористи и екстремисти на Државниот финансиски надзорник Росфинмониторинг, кој им овозможува на властите да ги замрзнат нивните сметки без судски налог.
Судот на првиот источен воен гарнизон денеска соопшти дека ја прогласил Лизунова за виновна по две обвиненија за поттикнување тероризам и екстремизам. Таа е осудена на три години и шест месеци малолетнички притвор и тригодишна забрана за користење интернет.
Руските медиуми јавуваат дека ова е прв пат малолетник да биде осуден за антивоени ставови.