Осумнаесет годишно момче од Тетово загина во сообраќајна несреќа што се случила во неделата околу 22.30 часот во близина на тетовската касарна. Во сообраќајката се повредени четири лица, од кои едно е со потешки повреди.
– До несреќата дошло поради судир на две возила, „ауди“ кое го управувал 17 годишник и „рено меган“ што го возел 19 годишник. По судирот животот го загубил 18 годишниот Ш.Љ кој бил сопатник во аудито. Втор сопатник во „аудито“ на 16 години добил тешки повреди, по што е однесен во Клиничкиот центар во Скопје, информира Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
И двајцата возачи се примени во тетовската болница.
– По првата лекарска помош, тој што го возел аудито е пуштен дома, а 19 годишникот што го возел реното е задржан во тетовската болница на лекување. Во болница поради повреди останал и трет сопатник од аудито. Во возилото рено имало тројца сопатници кои останале неповредени, рече Јосифовски.
Увид на местото направиле јавен обвинител и екипа на СВР Тетово по што дополнително треба да се утврдат причините.