Тимот за санкции од Вашингтон, кој беше во Македонија со цел поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и актуелни функционери, веќе си заминал од земјава, а остана нејасно со кого се сретнале за да ја завршат задачата по која дојдоа.
Во јавноста се појавија информации, дека тимот се интересирал и за случајот „Империја“, поточно за спогодбата на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, според која издржува 3 години затвор и му е конфискуван имот од околу 36 милиони евра.
Доколку ова информација е точна, нејасно е со кого се сретнал странскиот тим, за да се информира за предметот, бидејќи според информациите на „Фокус“, тие не оствариле средба со ниту еден обвинител. На прашањето на „Фокус“ испратено до обвинителството, дали тимот од Вашингтон имал средба со републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески или било кој друг обвинител, го добивме следниот одговор:
-Јавниот обвинител на Република Северна Македонија немал средба со тим за санкции од Соединетите Американски Држави. Од Јавното обвинителство не се побарани податоци за конкретни предмети, ни одговорија од Обвинителството.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер на 6 декември на Твитер објави дека американски тим пристигнал во Скопје за да истражува корупција.
-Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот, објави Агелер.
„Фокус“, пак, денеска објави дека тимот веќе си заминал од државата.
Валентина Вурмо